Во тетовска Долна Лешница во еден објект постојат две цркви, едната од нив потекнува од средновековието

0
142

Со голем црковен народен собир во тетовското село Долна Лешница беше одбележан празникот Свети Никола летен во истоимената црква која се наоаѓа на сред село.
Оваа долга традиција беше прекината по воениот конфликт во 2001 година. Но веќе четврта година по ред се возобновува. а годинава можеше да се забележи голем број на верници.

 

Црковниот собир започнува со црковна служба, на која чиноначалствуваа свештеници од тетовското архирејско намесништво.

 

Селото Долна Лешница е оддалечено од Тетово 15 километри. Се наоаѓа во состав на Општина Желино, селото под падините на Сува Гора, лоцирано на само неколку километри од општинскиот центар.

Во него живеат само жители од Албанска националност, етнички Македонци нема. Тие веќе се отселени.

Податоците говорат дека од тука последните семејства се отселени кон крајот од седумдесетите години. Како што поминувале годините така и тие го продавале својот имот. Тука останала само црквата. Таа е водилка која сега веќе отселените жители кој во Скопје кој во Тетово а некои и во странство, ги враќа повторно тука барем еднаш во годината, да се видат, дружат,поразговараат и да се сетат на убавите спомени кои ги поминале тука во овој преубав крај од тетовско.

Овој црковен комплекс е навидум мал но под црквата постои уште еден таков храм со исти димензии. Во неа може слободно да се влезе. Останати се само остатоци од некои фрески.

 

Има повеќе преданија, како се случило да има црква над црква. Едното од нив говори дека постоел силен пороен дожд кој го уништил покривот на старата црква, а самиот црковниот храм пропаднал во земја, па мештаните одлучиле над тој храм да изградат уште еден. Другото предание вели дека многу одамна мештаните случајно ја избрале постоечката локација за црква, и кога почнале да копаат темели, пронашле во земја стар храм најверојатно од средновековието, па решиле над неа да ја изградат сега веќе постоечката црква.

На одбележувањето беа избрани и новите кумови и за сите присутни следуваше братско сестринско трпеза на љубовта.