И покрај силниот дожд, протестите во Тирана продолжија (ВИДЕО)

0

Пред зградата на Владата на Албанија во Тирана, на чија фасада се уште има остатоци од црната боја со која ја гаѓаа демонстрантите во саботата, вечерва се одржува петтиот по ред протест на обединетата албанска опозиција.

Дождот не ги спречи илјадниците приврзаници на опозицијата и незадоволни граѓани да дојдат од сите делови на земјата. Целиот булевар „Народни херои“ е исполнет со луѓе со чадори во рацете, кои извикуваат „Рама оди си“ и „Ја сакаме Албанија како цела Европа“.

Протестот засега минува мирно, со инцидентно фрлање димни бомби и петарди.

На насобраните демонстранти им се обрати лидерот на демократите Љуљзим Баша, кој ја обвини Владата и полицијата за „примена на неконтролирана сила“ за време на протестите во саботата.

Поддржан со овации Баша повтори дека нема преговори со албанскиот премиер Еди Рама, ниту избори, туку само заминување на „криминалната Влада и балканскиот Мадуро“ и формирање преодна влада која ќе спроведе фер и демократски избори.

Владата е опкружена со метални огради и има голем број полициски службеници. Засилено обезбедување има и пред Парламентот, Управата на полицијата во Тирана, како и пред седиштето на Централната изборна комисија.

За безбедноста денеска се грижат околу 2.000 полицајци, а подготвени се и цистерни со вода во случај да е потребна употреба на водени топови. Во близина на местото на протестот има и повеќе противпожарни и амбулантни возила.

На протестот се придружија и жителите од населбата „Астир“, облечени во жолти елеци, чии над 300 домови треба да бидат урнати поради изградбата на голема обиколница во Тирана.

Најавено е дека овој протест од пред Владата ќе продолжи со марш до Парламентот, а потоа и до Министерството за внатрешни работи и Управата на полицискиот комесаријат на Тирана, каде ќе побараат ослободување на притворените на саботниот протест

Инаку, на протестот не присуствува лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) и сопруга на албанскиот претседател Илир Мета, Моника Круемади, која се наоѓа во САД./Независен