(Видео)Косовските специјалци се повлекуваат од Северно Косово, уапсени 19 полицајци и 9 граѓани

0
205

 

Специјалните сили на косовската полиција започнале да се повлекуваат од сите четири општини со српско мнозинство во северно Косово, по големата операција во рамките на која уапсиле 19 полицајци и 9 граѓани. Според српските медиуми, станува збор за Срби и Бошњаци додека пак албанските медиумите пренесуваат дека меѓу уапсените има и Албанци, објави Телма.

Драматичната ситуација започна да се развива околу 6 часот и 15 минути кога во северна Косовска Митровица се слушнале сирените за воздушна опасност а повеќе десетици оклопни возила на косовските специјалци започнале да се пробиваат низ барикадите поставени од Србите.

Најтешка била ситуацијата во местото Зубин Поток, каде полицајците три пати се пробивале низ барикади поставени од локалните жители.

Српските медиуми јавуваат дека во ова место се слушале и истрели од огнено оружје, биле употребени димни бомби. Телевизија прва соопшти дека бил нападнат и еден нивни новинар, чиј автомобил бил уништен. Според српските медумите има и ранети граѓани во судирите, но засега не се соопштуваат детали за нивниот број или начинот на кој биле повредени.

Официјален Белград реагира дека специјалците употребувале прекумерна сила против голоракиот српски народ, при што Претседателот Александар Вучиќ изјави дека уапсените биле врзувани како ѕверови.

Српскиот лидер веднаш го подигна и нивото на воена подготвеност на српската армија, најавувајќи дека е подготвен да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на српскиот народ на Косово.

“Нашата војска, доколку дојде до какво било посериозно загрозување на поредокот и животот на луѓето во северно Косово и Метохија, ќе го заштити нашиот народ. Тоа што ви го гарантирам е дека доколку дојде до ескалација на судирите и понатамошни напади против српскиот народ и српските жители, се што би можел да кажам и со тоа би го завршил своето обраќање, Србија ќе победи” – изјави Вучиќ.

Според косовскиот претседател , Хашим Тачи, реакцијата на Вучиќ е популистичка и за внатрешна употреба, додавајќи дека и нему му е познато дека не може со војската да тргне кон Косово.

Властите во Приштина инсистираат дека операцијата во северно Косово е насочена против мрежата на организиран криминал, во која биле вклучени и полициски претставници од различна етничка припадност.

Самиот Вучиќ потврди дека и од НАТО му било пренесено дека интервенцијата на Косовската полиција не е насочена против српското население, туку станува збор за борба против криминалот.

Во име на ЕУ, портпаролот Маја Коцијанчиќ, оцени дека полициските операции не смеат да ги ослабат напорите за нормализација и мора да ја имаат довербата на сите заедници на Косово, додека руското министерство за надворешни работи оцени дека станува збор за уште една провокација на Приштина.

https://youtu.be/hRaEUKef_7E?t=8