ВО ТЕТОВО 462 ГРАЃАНИ СО ГО СМЕНИЛЕ ИМЕТО, НЕКОИ ОТИ СЕ СКАРАЛЕ СО ФАМИЛИЈАТА ГО СМЕНИЛЕ И ПРЕЗИМЕТО

0
208

 

Според податоците добиени од Секторот за управни работи на СВР Тетово, во 2018 година 462 лица извршиле промена на името, презимето или на обете. Од нив, 402 биле од албанска, а 60 од македонска националност. Изминативе месеци од оваа година некои од личните податоци промениле 143 лица, од кои 136 биле Албанци, а седум Македонци, објави порталот sdk.mk.

Секој жител на Македонија има законска можност неограничен број пати да го промени своето име, презиме или обете, ако за тоа не постојат законски пречки. Во најголем број случаи, ваквите промени настануваат по прекинувањето на брачната врска, кога жената ќе побара да си го врати моминското презиме. Има случаи кога лицето бара некое помодерно име од она што му го дале, а во помала мерка има и поекстремни случаи на промена на личните податоци.

 

 

„Еден тетовец се скарал со братот поради ѕид кој се наоѓал на меѓата меѓу нивните куќи. Таа караница дошла до тој степен, што едниот брат решил да си го смени семејното презиме. ‘Не сакам веќе да го имам истото презиме со брат ми, ниту со семејството. Ќе го земам презимето од прадедо ми. Не сакам повеќе да бидам фамилија со нив‘, ми велеше човекот кој лично го знам. Се присетувам и на еден случај од пред повеќе години. Еден млад тетовец поднесе барање да ги смени името и презимето за да се вика Тони Монтана. Бил воодушевен од тогаш многу популарниот филм ‘Скарфејс‘ со Ал Пачино“, вели Артан Несими од Секторот за управни работи на СВР Тетово.

Барателите не мора да ги наведат причините зошто го менуваат името или презимето.

 

 

„И ние не смееме да прашаме за причините, ниту имаме право да кажеме кое име може, а кое не може да се користи. Во времето на социјализмот имаше список на забранети имиња кои не смееја да им се даваат на децата. Посебно овде кај нас забранети беа имињата кои, според тогашните власти, асоцираа на големоалбанскиот шовинизам. Така родителите можеа да добијат и казни ако на детето му ставеа има Албан или слично. И тогаш можело повеќе пати да се направи промена на името. Но, ако лицето би побарало името да си го промени по третпат, тоа на властите им станувало сомнително и тоа лице, што се вели, лесно можело да си стави беља на главата“, додава Несими.

Самата процедура на промена на личните податоци воопшто не е комплицирана и откако ќе се поднесе барање, ја вршат надлежните служби.

„Процедурата е релативно едноставна. Се поднесува барање до Секторот за управни работи со уплата од 300 денари за административна такса, а сите потребни податоци за лицето ние ги прибавуваме по службен пат. Во таа постапка ги проверуваме податоците од матичната книга на родени, од матичната книга на венчани ако лицето е во брак, во судот проверуваме дали лицето е кривично осудувано, дали против него се водела или се води истрага или некоја постапка од другите служби. Ако се утврди дека лицето е кривично осудувано, се води постапка или се водела постапка која сè уште не е затворена или поништена, тогаш неговото барање се одбива и тоа лице нема право да си го смени ни името ни презимето. Ако е сѐ во ред, целата процедура трае околу 15 дена и лицето си го добива новото име или презиме кое го одбрало. Секако, потоа треба да се извадат сите потребни лични документи со новото име или презиме, како лична карта, извод од матична книга на родени, пасош и други документи“, вели Несими.

Во минатото имало случаи некои да бараат промена на името и презимето поради тоа што направиле некаков криминал во странство, со цел да добијат пасош со нов идентитет. Но, сега, со новите технологии и со користењето на единствениот матичен број на граѓаните, оваа појава веќе целосно е искоренета.