И „метлата“ отиде на одмор

0
240

ГОРАН АДАМОВСКИ

Сосема неочекувано, во предвчерјето на подготовките за инаугурација на новиот претседател на државата, премиерот Зоран Заев замина на одмор. Четирите слободни дена по истоштувачката кампања и набиената агенда што ја има претседателот на Владата изгледаат дури и премалку за полнење на батериите, но тајмингот не можеше да биде полош.
Лидерот на СДСМ го снема во моментите кога неговиот пулен, Стево Пендаровски требаше да даде свечена заклетва како шеф на државата, за што чест со своето присуство му направија колеги и шефови на дипломатии од регионот. Место столчето во првиот ред, Заев одбра празна просторија и бели ѕидови како позадина од каде што му посака среќа на Пендаровски. И со тоа отвори сериозни дилеми зошто одморот го користи токму сега.
Еднакво важно е што заедно со него на „одмор“ замина и метлата која никако да се фати со работа. Најавена веднаш по бледите резултати од првиот круг, сѐ уште чека промоција на терен. Оставката на министерот за култура и на советникот за финансии не се во таа категорија, иако двајцата и тоа како заслужуваа да бидат изметени.
Кандидатот на власта на претседателските избори го освои потребниот број гласови во вториот круг и поради ветувањето дека конечно ќе се расчисти со неспособните, замислените, неработливите и нечесните кадри. Такви, очигледно има бајаги во опкружувањето на премиерот штом медиумите и граѓаните секојдневно лицитираат со имиња на оние што треба да бидат сменети. И секој има свој „миленик“ кому би сакал да му го види грбот.
Советниците на премиерот треба да му кажат дека овие избори беа добиени на мускули и тоа во ситуација кога целата влада настапи со еден кандидат, поради што и времето на лесни и заборавени ветувања можат и тоа како да го чинат владиниот кампус. Јасно е дека Заев мора двапати да размисли пред да пресече, затоа што мора да внимава да не создаде бунт и незадоволство внатре во партијата. Како и во секое друштво или партија, има кланови, поделби, лојални и помалку лојални членови.
Но, на премиерот, колку и да му изгледа тешка задачата, сепак, престојниот рез може да му биде најлесниот во кариерата. Треба само да ги отстрани тие што не работат добро, а да ги остави и да ги награди тие што ги исполниле очекувањата. Доколку му треба помош, нека праша било каде околу него. Сите се знаеме, јасно ни е кој и како работи. Или нека ги погледне резултатите од изборите, нека направи споредба со оние од 2017 или од 2016 година. Ќе види дека во некои места се случила драстична промена на расположението меѓу бирачите. Не може да е случајно. Ќе види дека во некои средини, опозицијата бележи убедлив резултат, иако оттаму потекнуваат видни функционери на партијата и на владата. Штом соседите не ги ценат… Ќе види и дека членови на неговиот тим не работат со истиот жар како и тој самиот. Нека се запраша зошто. И нека реагира.
Премиерот потроши половина од својот мандат средувајќи ги надворешните проблеми на земјава. На ваков или таков начин, успеа да ги реши. Но, премногу ги олабави уздите на внатрешен план. Граѓаните веќе немаат разбирање за мачното преговарање со Грција и за процесите за евроинтегрирање. Сакаат резултати дома, сакаат подобар живот, подостоинствени услови за живеење, правда, економски просперитет, еднакви услови за сите, примамливи работни места, чесни и работливи претставници во власта. И ќе притискаат додека не ги добијат, или ќе им дадат шанса на други да го сработат тоа.
Затоа, премиерот не смее да одолговлекува ниту ден повеќе. Да ја врати „метлата“ од одмор и да почне да чисти. Оти дури и да не добиеме датум за преговори со Европската унија, најважно е дома да ни биде чисто.