Колумна на Љупчо Поповски – Самракот на автократот од Карпатите

0
371

Пушува Љупчо Поповски

Елегичниот почетен стих „What a difference a day made“ (Каква разлика прави еден ден) на истоимената легендарна песна на Дајна Вашингтон имаше неверојатна политичка парафраза во неделата и понеделникот во Романија. До неделата изутрината Ливиу Драгнеа, неоспорниот господар на Романија, имаше сè под своја рака. Како претседател на владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) тој ги контролираше парламентот, владата, судството, најголемиот дел од медиумите, беше автократски владетел на земјата што во моментов претседава со Европската Унија. Поради една условна пресуда за изборни измами, тој не можеше да стане премиер кога неговата партија триумфираше на изборите во 2016 година, но затоа беше претседател на Долниот дом на романскиот парламент. Ги менуваше премиерите, министрите и директорите онака како што ќе посака – т.е. дали доволно му служат нему. Еден од неговите поранешни политички сојузници го објасни Драгнеа вака: „Неговата идеологија е самиот тој“. Драгнеа (56) ја однесе неговата централнолевичарска партија кон популистичката оска Будимпешта-Варшава и почна да применува конзервативни социјални политики. Всушност, на земјата во последниве три години економски ѝ одеше добро со раст од четири до пет проценти. Но, корупцијата… корупцијата е таа што ги јаде сите автократи.

Во неделата Романците дома и во европските градови излегоа на две извонредно важни гласања – едното на изборите за Европскиот парламент, а второто на референдумот што го распиша архинепријателот на Драгнеа, десничарскиот претседател на државата, Клаус Јоханис, а на кој граѓаните требаше да се изјаснат дали се против законот со кој на владата ѝ се дозволува да амнестира случаи на корупција, да користи итни декрети за менување на законодавството и да се дозволи ретроактивно отворање на завршени судски процеси од пред 2014 година. Целото тоа предложено законодавство, всушност, требаше да го ослободи од судските процеси токму Драгнеа.

Претседателот на Романија има поголема моќ од неговите колеги во соседството и тој го темпираше референдумот со европските избори за да може да се обезбеди неопходната излезност од најмалку 30 отсто. Романците, кои се пословично изборно апатични (на парламентарните избори пред три години излезноста беше 40 отсто, а ПСД доби поддршка од 46 проценти од гласачите, а на претходните европски избори излезноста беше едвај 32 отсто) овој пат излегоа масовно на гласачките места – околу 50 отсто. Во текот на денот во Романија стигнуваа извештаи за драмата што се случуваше на избирачките места каде што гласаше дијаспората во Европа. Илјадници луѓе во редови од по неколку стотици метри чекаа по пет, шест, седум часа за да можат да гласаат поради опструкциите на дипломатските службеници. Некаде беше напнато, полицијата во Германија и Холандија мораше да го спроведува редот меѓу гневните Романци, кои беа бесни поради „техничките проблеми“ на избирачките места. Некои од нив и по цел ден чекање не успеаја да гласаат. Владата на Драгнеа знаеше дека дијаспората е целосно против неа. Резултатите од дијаспората беа поразителни за партијата на Драгнеа – таа успеа да освои само четири отсто од нејзините гласови. Речиси сите други гласови отидоа на сметка на опозицијата и на гласот „не“ на референдумот.

Тие драматични слики од европските градови дополнително ги мобилизираа гласачите во земјата. Кога се затворија гласачките места и се пребројаа ливчињата, раководните луѓе на ПСД останаа со подзинати усти. На европските избори владејачката партија освои 23 отсто од гласовите (23 проценти помалку од парламентарните избори), а двете главни опозициски партии, централнодесничарската Национално-либерална партија и центристичката УСР-ПЛУС алијансата заедно собраа 48 отсто од гласовите. Владините закони за амнестија на корупцијата на необврзувачкиот референдум беа одбиени со дури 80 отсто.

Тоа беше шок за ПСД и Драгнеа. Во понеделникот околу пладне Ливиу Драгнеа како претседател на ПСД на прес-конференција со скиселено лице изјави: „Ние не сме среќни со ова гласање“ и ја отфрли можноста на претседателските избори на крајот од годинава да се појави како противкандидат на Јоханис.

Новиот, уште поголем шок за Драгнеа и за целата раководна структура на партијата дојде неколку часа подоцна. Врховниот суд ја одби жалбата на Драгнеа за пресудата донесена уште во јуни 2018 година за незаконско постапување со која тој беше осуден на 3,5 години затвор. Одлуката беше конечна. До крајот на денот тој мораше да се пријави во затвор. Големи новинарски екипи беа собрани пред неговата куќа, како и гневни граѓани. Немаше како во Македонија судски доставувачи на пресудата (еднаш не го нашле, па друг пат не го нашле…). Откако тој самиот не се пријави за час-два во полициска станица, стигна полицијата за да го одведе во затворот „Рахова“ на неколку километри од Букурешт. Кога Драгнеа излегуваше од домот, некои мавтаа со лисици пред него, други фрлаа со тоалетна хартија по автомобилот што го одведе, а трети го пречекаа со транспарент пред затворот на кој пишуваше „Патиштата на корупцијата завршуваат во ‘Рахова’“.

Неверојатен пад за само еден ден на човекот што изгледаше семоќен. И неверојатен колапс на целата владејачка структура која се хранеше од неговата моќ. Големо прашање е дали Врховниот суд ќе донесеше таква одлука ако граѓаните на европските избори и референдумот не ѝ го свртеа грбот на владата и лично нему. Тоа беше големото финале на едногодишните протести на граѓаните против корупцијата. Престапот на Драгнеа, според македонските мерила, би изгледал безначаен. Како што многумина сакаат да ја оценуваат затворската казна за Никола Груевски за „мерцедесот“. Драгнеа беше осуден на затвор затоа што ја злоупотребил функцијата кога на почетокот од 2000-тите како градоначалник во неговиот роден град Телеорман (во еден од најсиромашните краишта во Романија) обезбедил две секретарки во локалниот огранок на партијата да примаат плата од социјалните служби. Еклатантен пример на злоупотреба на функцијата.

Познатата обвинителка за борба против корупцијата, Лаура Ковеси, го изведе на суд и му беа пресудени 3,5 години затвор. Потоа во друг случај, за обид за местење на гласањето на референдумот во 2012 година за импичмент на претседателот, тој беше осуден на условна казна и поради тоа не можеше да стане премиер по победата на неговата партија на изборите. Покрај ова, европската антикорупциска канцеларија води истрага за тоа дека проневерил 21 милион евра од европските фондови за лични цели. Драгнеа постојано се жалеше дека тоа е „политички прогон“, „лов на вештерки“, на „длабоката држава“.

За тоа време, неговата партија правеше промени во кривичното законодавство со единствена цел тој да го избегне затворот и ги навлече критиките на Европската Унија за поткопување на владеењето на правото. Минатото лето тој доби и поддршка од личниот адвокат на Доналд Трамп, Рудолф Џулијани, кој му пиша писмо на претседателот Клаус Јоханис во кое ги критикуваше антикорупциските потези во земјата. Па, сепак, минатиот месец 12 амбасади во Букурешт издадоа заедничко соопштение во кое се критикуваа измените во судството и бараа од владата да се откаже од нив. САД беа едни од потписниците на соопштението.

Претходно, во Романија се случија најголемите демонстрации по 1989 година во кои граѓаните бараа да нема простување за корупцијата. Но Ливиу Драгнеа, безбеден со коалициското мнозинство во парламентот, не се обѕрнуваше на тоа. Го принуди донеодамнешниот министер за правда да подготви истрага против Лаура Ковеси дека наводно ја злоупотребила функцијата и владата донесе одлука да ја отстрани од нејзината позиција. Потоа кога Ковеси стана најсериозен кандидат за шеф на новата европска обвинителска канцеларија, министерот лобираше кај своите европски колеги за да ја поткопа нејзината кандидатура. Кога и тоа не успеа, обвинителството покрена истрага против Ковеси за незаконско работење. Кога по интервјуата во Брисел таа стигна во последната фаза на изборот (заедно со неа има уште еден кандидат), властите донесоа одлука дека поради истрагата не смее да ја напушта земјата, за да не може да замине на последните сослушувања. Врховниот суд пред извесно време ја укина таа забрана.

Синот на полицаецот од Телеорман, кој од опскурноста се трансформира во господар на Романија, го заврши својот политички круг во затворот. Засега. Партијата е во хаос, министерот за надворешни работи се извинува за блокадата при гласањето во дипломатските претставништва, ПСД бара наследник на Драгнеа за спикер на Долниот дом. Прашање е дали владата ќе преживее, и покрај мнозинството. Еден од познатите борци против корупцијата во Романија вака го карактеризираше случајот: „Драгнеа е резултат на ситна корупција, неговото затворање е мала победа, но ова не е крај на борбата против корупцијата“. Навистина, ова не е крај на борбата против корупцијата во Романија, која го изеде целото нејзино општествено ткиво. Но, иако е мала, таа е значајна победа. Тоа е доказ дека треба да се верува дека и најмоќниот човек преку ноќ може да заврши во затвор. Секако, кога за тоа ќе се погодат условите./објавено во Независен Весник/