Партијата на Меркел е против датум за преговори во јуни

0
200

 

Партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) се против брз почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија за приклучување кон ЕУ. Одлука веројатно ќе биде донесена во октомври, вели Гунтер Крихбаум од ЦДУ.

Гунтер Крихбаум вели дека одлука во јуни сигурно нема да има

„Додека се донесе одлука ќе дојде октомври“, вели претседателот на Комисијата за европска политика на Бундестагот, Гунтер Крихбаум од Христијанско-демократската унија. Тој за агенцијата ДПА оценува дека „сигурно нема да има ништо“ од позитивно изјаснување на 28-те земји членки на Унијата веќе на средината од јуни.

Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот (СПД), пак, притиска за брз почеток на преговорите. „Сега ЕУ треба да испорача“, пишува Рот во гостински коментар за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Треба да го одржиме ветувањето“, пишува Рот, кој оценува дека Северна Македонија и Албанија направиле „опиплив напредок“.

Повеќе:

Северна Македонија мора да отвори преговори со ЕУ во јуни

ЕУ и наградата за Северна Македонија

Се очекува Европската комисија денеска да препорача почеток на преговори со двете земји. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за ДП во април изјави дека смета со позитивна одлука. Конечниот збор го имаат државите на ЕУ и тој може да биде даден веќе на 18 јуни, на средба на европските министри во Луксембург.

Во Германија зелено светло мора да даде Бундестагот, а тоа нема да биде можно доколку пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) не се согласи. Членките на ЕУ во основа се согласија со почеток на преговори со Албанија и Северна Македонија во јуни минатата година, меѓутоа почетокот на преговори беше условен со натамошни реформски чекори. Хан веќе предупреди дека одлагање и непризнавање на објективно постигнат напредок од страна на кандидатите би можело да има драматични последици за земјите и за регионот. / Извор Дојче Веле/