При крај е изградбата на шестоседот на Попова Шапка

0
330

Долгоочекуваниот шестосед на Попова Шапка според градежните активности на терен е при крај. Моментално се работи на поставување на сајлата на оваа жичница која со прекини се гради веќе неколку години. Поставени се столбовите на Шестоседот, почетната како и крајната станица , останува да се постават и корпите со кои ќе се превезуваат скијачите. Во текот на овој или наредниот месец според раководството на скијачкиот центар, ќе се тестира Шестоседот и конечно наредната зима ќе се пушти во употреба. Новата жичница на ски центарот имаше неколку неуспешни почетни обиди за градба. Пред повеќе години таа започна да се гради над главните цевки на тетовскиот водовод кои беа оштетени, при што градежните активности беа запрени од тетовскиот инспекторат.Локацијата за изградба на жичницата беше поместена стотина метри подалеку на почетнатата станица од поранешниот ски лифт Мал Јелак, но и тука се појави проблем. Инспекторатот за екологоја утврди дека градежните активности се одвиваат без потребниот елаборат за заштита на животната средина.

По неколку години Елем Турс претпријатие кое стопанисува со Попова Шапка успеа да ги извади документите и продолжи со градбата. Шестоседот е еден од најсовремените жичници за превоз на скијачи со голем капацитет. Со неговото пуштање во употреба се очекува да се растеретат гужвите и долгите редови на скијачи пред ски лифтовите на Попова Шапка, за време на екот на скијачката сезона./glas.mk