Арбен Таравари за „Лидер”: Ако нема датум, логично е да има избори!

0
178

Градоначалникот на Гостивар и екс министер во владата на Зоран Заев, Арбен Таравари посакува метлата на премиерот да заигра онаму каде што се предизвикува гниењето и трулежот на власта и системот. Тој во интервју за „Економски Лидер” вели дека доволно е да се спомене само зборот ДУИ! Жали што чистката почна токму од неговата општина и ДУИ по секоја цена се обидува да „надвладее” во Гостивар.

Како Алијаса за Албанците поддржуваат измени на Изборниот законик. Најпогоден за нивната партија е пропорционален модел, со отворени листи, со што сметаат дека на тој начин ќе се избегне лидерите на партиите или повисоките функционери да се наметнуваат во изборните листи.

Таравари вели дека ако Македонија не добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија, логично е да има предвремени избори.

За себе вели дека никогаш не излегол од здравствениот сектор и секогаш ќе остане лекар.

Најавената метла сеуште е во чекалната на премиерот Зоран Заев. Иронично, на вашиот Фејсбук профил напишавте дека сепак метлата почнала во вашата општина со „присилно” поставување на директори по училиштата. „Војната” со централната власт продолжува. Дали жителите на Гостивар ги чувствуваат заострените односи кои ги имате со централната власт?

Да, токму така, кога сите очекувавме одредени освежувања во владиниот кабинет, посебно после првиот круг на претседателските избори, се случи, по шести пат, од ноември 2017 година, во општина Гостивар да се менуваат директорите на училиштата. Тоа доаѓа по притисокот од ДУИ што го врши на ниво на Владата, со цел да се спречат реформите на локалната власт во Гостивар. Ние овде, заеднички, ги победивме ДУИ и СДСМ, кои имаа свој кандидат за градоначалник на Гостивар. Значи, гостиварчани, со 17.000 гласови одлучија нивната општина да биде раководена од кадар на Алијансата за Албанците (АА), односно одлучија иднината во својата општина за образование, култура, урбанизам, инвестиции да ѝ ја доверат на една релативно млада екипа во политиката. Едноставно, се одлучија за промени во локалната власт во овој град. Меѓутоа, ДУИ сѐ уште не може да го прифати изборниот пораз во Гостивар. Оттука и наоѓа различни начини на опструкција на работата на локалната власт. Како го прави тоа? Два пати ги одзема ингеренциите во образованието, праќа различни инспекции и ревизии, со цел граѓаните да мислат дека никој друг, освен нив, не може да раководи со општините и Владата. Но, луѓето знаат да проценат и да анализираат, тие сѐ повеќе нѐ поддржуваат и имаат разбирање за сите пречки и опструкции од ДУИ преку централната власт. Јас верувам дека премиерот Заев е во тешка позиција, го разбирам и него, му требаа бројки за одредени процеси, а од друга страна не можеше да се спротивстави на притисоците од ДУИ за спречување на функционирањето на единствената урбана опозициска општина. Но, искрено се надеваме на подобри времиња. Повремено правиме и анкети за задоволство на граѓаните од локалната власт и, верувајте, резултатите се многу подобри од тоа што го очекувавме. Со искреното и транспарентното работење на градоначалниците на Алијансата и со конструктивните политики на нашата партија, веќе, според одредени анкети, сме пред ДУИ, со огромен капацитет за коалицирање и, според сите очекувања, со огромни шанси да ја победиме ДУИ на следните парламентарни избори.

Да се вратиме на метлата. Ваш став дали таа ќе ги смете вистинските „виновници” со чија помош се намали рејтингот на партијата или со одолговлекување на овој потег Заев само тактизира, а подебелиот крај ќе го извлечат најмалку повиканите?

Искрено, би сакал да има промени во Владата, бидејќи, навистина, на РСМ ѝ требаат реформи, луѓето сакаат да живеат квалитетно и спокојно во својата држава. При формирањето на оваа Влада, чиј дел бевме и ние во текот на првите 4 месеци, граѓаните очекуваа промени и реформи, меѓутоа следуваше огромно разочарување. Половина од режимот се смени, меѓутоа другата половина од поранешниот режим продолжи да биде дел од новата „реформска” Влада, без чии пратеници не беше возможно да се оформи ново мнозинство. Останатиот дел на режимот, односно ДУИ, почна да ја индуцира новата половина на Владата и, на крај, ги видовме резултатите од 21 април 2019 година, на претседателските избори. Нормално, како локална власт, многу ни е битно да имаме конструктивна и добронамерна Влада, со која ќе се комуницира на коректен начин, со цел заеднички да бидеме сервис на граѓаните. Има повеќе институции во општината кои се под надлежности на централната власт, па оттука неопходна е добра комуникација меѓу централната и локалната власт. Но, оваа комуникација со општина Гостивар досега не се одвиваше како што треба, а ние сме потполно свесни дека сето тоа се случуваше под притисок на ДУИ, кои се на власт речиси 17 години, без да бидат реформирани. Сега како партија, тие го „одживеаја“ своето, треба да одат во опозиција. Алијансата за Албанците има улога да го помогне и придвижи овој процес со победа на следните парламентарни избори.

Според Вас, кој функционер треба прв да си замине од фунцијата и зошто?

Оваа Влада се соочи со огромен број на афери и скандали што беа објавени и во медиумите. Имаше и јавни анкети за тоа кои министри треба да се сменат. Тоа е, секако, одлука на премиерот, а како граѓанин на оваа држава се надевам и, пред сѐ, посакувам да се направат промени со луѓе кои имаат потенцијал за реформирање на институциите на системот. За мене тоа е најважното, промените да се направат онаму каде што се предизвикува гниењето и трулежот на власта и системот.

Зоран Заев повторно со уцена, предвремени избори ако Советот на ЕУ летово не одреди датум за почеток на преговорите членство во ЕУ. На кого му се заканува премиерот?

Не би сакал така да ги формулираме работите, како уцена и закани. Мислам дека на премиерот, навистина, треба да му се симне капа за инвестициите во надворешната политика. Меѓутоа, за жал, многу нешта не се случија внатре, во државата (мислам на реформите). Ако не се добие датум, логично би било да се оди на предвремени извори. Недобивањето на датум би можело да значи огромно разочарување кај јавноста, иако процесот на НАТО интеграција завршува, па, логично би било да се бара повторна доверба од граѓаните.

Нови „бомби” телефонски разговори со функционери на ДУИ, фалсификувани дипломи на министри од ДУИ, уапсен државен секретар за поткуп кадар на ДУИ… Има ли криза во владината коалиција? Има ли скриена порака која треба да ја чуе Али Ахмети?

Со прашањата што ги поставувате само го илустрирате она што веќе го кажав, а сум го кажал и многупати претходно во моите јавни настапи. Редно е да се спушти завесата за владеењето на ДУИ. Не верувам дека оваа порака не стигнала до Ахмети. Прашање е само дали сака да ја слушне и разбере. Преостанува еден избор, да им се одземе моќта на оние што ја влечат власта, системот и државата кон понорот и бездната. Во таа насока, доволно е да се спомене само зборот ДУИ!

Претседателот Стево Пендаровски најави дека дава зелено светло за промена на Изборниот законик, измена на изборниот модел и воведувањето на една изборна единица со низок изборен праг . Дали го поддржувате овој модел и што би добила Алијансата за Албанците во тој случај?

Алијансата веќе го искажа својот став. Ние сме за пропорционален модел, со отворени листи. Најдобар начин за да му се даде моќ на народот е да му се довери задачата тој да ги избира кандидатите што ќе ги предлагаат партиите. На народот во Република Северна Македонија му треба слобода да избира. На тој начин ќе се избегне лидерите на партиите или повисоките функционери да се наметнуваат во изборните листи. Интересот на народот е интерес и на Алијансата за Албанците, а нашата придобивка би била да го исполниме и почитуваме тој интерес!

Како го оценувате водењето на државата на колицијата СДСМ-ДУИ за изминативе 2 години? Колку внимание, енергија и пари посвети власта на локалната самоуправа?

На ова прашање веќе одговорив, (про)оценувајќи ги штетите што ги предизвика коалициониот партнер ДУИ во власта. Тие штети се одразија и продолжуваат да се одразуваат и во локалната самоуправа. На ‘штетникот’ му е време да биде искоренет.

На 29 месецов ќе се одржи Парада на гордоста. Дали сметате дека Македонија е зрела демократија за спроведување на ваква манифестација и дали Вие ја поддржувате?

Државата треба да созрее во многу правци, тоа е несомнено. Сѐ уште сме далеку од тоа да се квалификуваме како зрела демократија од причина што во зрелата и успешна демократија се почитуваат правата на сите граѓани, односно сите се еднакви пред законот. Никој не треба да трпи за сметка на предрасудите, стереотипите и дискриминацијата што ја праваат одредени групи или поединци. Јас секогаш сум за почитување на слободите и правата на секој граѓанин во општеството.