Без одлука за Македонија и Албанија останаа комесарот Хан и амбасадорите на ЕУ

0
177

 

Меѓу земјите членки на ЕУ сѐ уште нема согласност за какви било одлуки поврзани со датум за почеток на пристапни преговори со Македонија и со Албанија. Ова е резултат од неформалниот состанок на еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан со амбасадорите на 28 земји членки.

Српската агенција Бета, повикувајќи се на добро информирани извори, јавува дека некои од членките на ЕУ кои досега инсистирале почеток на преговори да се одобри истовремено и за Северна Македонија и за Албанија сега се на став дека преговори треба да се почнат само со Македонија додека за Албанија засега нема изгледи и одлуката треба да се одложи за на есен.

Истите извори навеле дека Германија е меѓу земјите кои се апсолутно против тоа преговори да се почнат само со Македонија.

Кога станува збор за Западен Балкан во целина, на состанокот било заклучено дека треба да се настојува да се даде поттик на европската перспектива на регионот, но освен оваа општа формулација немало конкретен предлог.

Амбасадорите на земјите членки официјално ќе се состанат на 12 јуни и тогаш ќе усвојат заклучоци за развојот на Западен Балкан и можни одлуки за датум за почеток на преговори со Македонија и со Албанија. За овие заклучоци потоа ќе разгвараат шефовите на дипломатии на 18 јуни, а тоа подоцна треба да го потврдат и лидерите на ЕУ./ Извор мкд.мк/