Во Турција се одржа манифестација на иселениците од Македонија „на алва“

0
202

Во радот Измир во Турција во организација на здружението на иселениците по потекло од Македонија се одржа големата манифестација на иселениците  која се нарекува „На алва“. На оваа традиционална средба на која учествуваа иселениците посебно од регионот на Жупа и Долна Река  и оваа година имаше иселеници од други држави од Балканот кои денеска живеат во Турција.

Покрај подготовката и делењето на традиционалната  алва за сите присутни имаше и богата културно-уметничка програма во која учествуваа голем број на ансамбли и интерпретатори од Турција како и од нашава земја. Сепак и оваа година на средбата на иселениците  најатрактивни беа ансамблот на дебарските зурли и тапани „Мајовци“.

Неколкуилјадната публика бурно ги поздрави „Мајовци“ кои се преставија со повеќе македонски ора меѓу кои и со Тешкото, Скудрињката, Невестинското, Малесората и други познати ора. Дебарските зурли и тапани покрај учеството на манифестацијата имаа и свое дефиле по улиците на Измит во кој живеат голем број на иселеници од Долна Река, Жупа и други региони на Македонија. Петрит Исакоски првиот зурлаџија на „Мајовци“ вели  дека „овде меѓу нашинците во Турција  секогаш е задоволство да се свири. Секоја година по традиција сме на оваа средбата на која дебарските зурли и тапани  добиваат најмногу аплауз и покрај тоа што овде настапуваат и познати имиња на турската естрада“.

Треба да се нагласи дека поради големиот број на иселеници од Македонија во регионот Коџаели во Турција каде е и градот Измит, и во локалните институции има претставници на иселениците, а голем е бројот и на иселениците кои имаат мошне силни бизниси.

Во Турција има над десетина здруженија и клубови на македонски иселеници кои имаат одлична соработка и организираат манифестации и средби.