И натаму се чека на новиот систем за затоплување на Гинекологија Чаир?

0
150

Министерството за здравство сè уште не го објави тендерот за промена на системот на затоплување во Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Тој требаше да биде објавен на средината од минатиот месец земајќи ја предвид последната изјава на министерот за здравство Венко Филипче, кој порача дека Министерството само ги чека неопходните документи од институциите и објавата на ДИК дека се завршени изборите. Изборите одамна поминаа, а тендерот го нема. Која е причината и какви се плановите за промена на системот за греење на болницата? Прашањата ги испративме, но од Министерството за здравство не добивме одговори.

Тендерската постапка беше прекината кон крајот на март бидејќи недостигала техничка документација, односно решение за реконструкција согласно Законот за градење објекти, што до Министерството ја доставува болницата. Околу документацијата што Министерството ја барало од Гинекологија Чаир, Општината одржала вонреден совет, при што била обезбедена согласност за реконструкција според направениот проект за премин од мазут на гас, соопшти кон крајот на март за „Независен“ градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Од Гинекологија Чаир тогаш рекоа дека согласноста за реконструкцијата ја доставиле до Министерството за здравство на почетокот на март, заедно со согласноста за безбедност, која била издадена од Одделението за оружје и експлозивни материи при Министерството за внатрешни работи.

Меѓутоа, во мај од проектната единица при Министерството за здравство биле побарани дополнителни документи, по што Општината пак ставила на дневен ред точка за документацијата на болницата и ја усвоила. Болницата дополнителната документација ја доставила речиси пред повеќе од еден месец, па очекуваше Министерството што поскоро да го објави тендерот, но тоа не се случи. Најавите за објавување на тендерот со месеци се одолговлекуваат, иако уште во февруари министерот Филипче рече дека ќе биде почната постапка за промена на системот на загревање во болницата бидејќи била приоритет уште од лани и зашто околната инфраструктура е подготвена за гасификација. Потенцираше дека проектот е готов и оваа година е ставен во планот за јавни набавки кој, пак, бил усвоен крајот на јануари.

Министерот и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изминатиов период неколкупати имал состаноци откако предупреди дека ако не се смени начинот на затоплување во Гинекологија Чаир болницата ќе биде затворена. Рокот што го зададе градоначалникот измина, клуч на болницата не е ставен, иако по неговата изјава беше неизвесно дали ќе функционира и натаму ако нема промени. Шилегов од Министерството го информирале зошто е прекината постапката за промена на системот на затоплување, односно дека чекаат да се комплетира потребната документација. Шилегов, пак, им ветил дека од Град Скопје како институција ќе излезат во пресрет и нема да преземат следен чекор што би предизвикал затворање на болницата, односно ќе почекале да ја обезбедат потребната документација и да ја почнат постапката.

За промена на системот на загревање во Гинекологија Чаир, Министерството издвоило 12 милиони денари, а приоритети за промена на системите за загревање за надлежните се и општите болници во Куманово и Струмица. Градоначалникот Шилегов неодамна за „Независен“ рече дека е задоволен што Министерството за здравство ја започнало постапката за промена на системот и очекува од наредната грејна сезона Гинекологија Чаир да не биде причинител на загадувањето во воздухот. Но на терен ситуацијата не е сменета воопшто.