Канада го ратификуваше Протоколот за наше членство во НАТО-досега се 18 земји

0
217

Канада е 18-та земја членка на НАТО која го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата. Како што објави на Твитер канадското МНР, тие изразуваат задоволство што набргу ќе и посакаат добредојде на нашата земја како 30. членка.

– Канада со задоволство го ратификуваше пристапувањето на Северна Македонија во НАТО. Додека славиме 70 години НАТО, со нетрпение очекуваме да ве поздравиме како 30-та членка на Алијансата во блиска иднина, објави канадското МНР.

Во меѓувреме, во тек е постапката за ратификација и во Сенатот на САД. Се очекува ратификацијата на Протколот во Вашингтон да се случи до крајот на летово.

Пред десеттина дена Протоколот за НАТО го ратификуваа Германија и Естонија.

Целиот процес да заврши до декември

Властите во земјава, но и високите претставници на Алијансата се надеваат дека целиот процес ќе заврши до декември, кога се одржува Самитот на НАТО во Лондон.

На декемврискиот Самит Алијансата одбележува 70-годишнина, а тоа се смета за добра можност Северна Македонија да стане 30. членка. Сепак доколку процедурата не биде завршена дотогаш очекувањата се земјата и официјално да стане дел од НАТО и да учествува во процесот на носење политички одлуки на почетокот на следната година.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска минатата недела оцени дека ратификувањето на членството во НАТО оди невообичаено брзо ако се спореди со претходните бранови на проширувања на Алијансата.

-Првпат се случува во период покус од четири месеци речиси повеќе од половината од земјите-членки да го имаат ратификувано пристапниот протокол за членство во НАТО. Овој месец беше прилично позитивен во делот на ратификации, зад на се ратификацијата и на Норвешка и на германскиот Бундестаг што е многу важно. Минатата недела се отворија прашањата околу тајмингот на Бундестагот за одлуката за ЕУ, а она што беше добра вест и за жал не помина со толку голем интерес е дека Бундестагот во многу кус временски период го ратификуваше нашето членство за НАТО. Очекуваме утре Чешката  Република да ја заврши ратификацијата, а има уште неколку најави без конкретен датум, рече Шекеринска.

-Ако се спореди со претходната ратификација на Црна Гора ќе се види како брзо реагирале дури и институциите кои обично подолго време одлучуваат. Фокусот сега ни е контакт со оние земји-членки кои се уште не го почнале процесот на ратификација, но секаде добиваме позитивни пораки, рече Шекеринска.

Прашана до каде е ратификацијата во турскиот Парламент, Шекеринска рече дека во Турција сега има повторување на локалните избори во некои од општините. – Ни кажаа дека веднаш штом ќе продолжи да функционира нивниот Парламент на вообичаен начин ќе има и термини кои ќе може да ги планираат за ратификација на протоколот, потенцира Шекеринска.

Со ратификацијата на Протоколот од 29-те земји сојузници во Алијансата, Северна Македонија се очекува и официјално на Самитот во Лондон кога ќе се одбележи 70 годишнината, да стане 30. членка на НАТО.