Пендаровски: Делчев се декларирал како Бугарин и се борел за самостојна македонска држава

0
170

 

Македонскиот претседател Стево Пендаровски ги соопшти членовите кои по негов предлог ќе бидат дел од новиот состав на Советот за безбедност. Станува збор за првиот министер за одбрана во независна Македoнија, Трајан Гоцевски, професорот на УЈИЕ, Ветон Љатифи, како и професорот од Правниот факултет при УКИМ, Ненад Марковиќ. Останатите 6 членови од комплетираниот состав се на предлог на Собранието и Владата.

Пендаровски во првото телевизиско интервју како претседател за емисијата 360 степени на телевизија Алсат апелираше до институциите да побараат меѓународна помош за случајот Диво Насеље, затоа што, како што вели, во досегашната судска постапка не се вклучени организаторите за како што вели „договорениот настан “, тие кои што во позадина биле дел од подготовката како и дел од оперативците за кои постои сомневање дека биле вработени во Агенцијата за разузнавање.

“Моите информации се дека во тековниот процес за Диво Насеље, не се зафатени сите клучни актери, кои учествувале во подготовката или во позадинското менаџирање на настаните. Зафатени се воглавно луѓето кои оперативно излегоа на терен и ги направија тие безбедносни проблеми. Колку што јас знам, а нешто знам во тој дел, не се зафатени луѓето кои дадоа наредба тоа да се направи бидејќи тоа е договорен настан, да нема никој дилеми околу тоа. И луѓето кои спроведуваа, да ги наречам, претходни подготовки за тој настан да се случи, и тие се случуваа на територијата на Косово и на територијата на Јужна Србија“, изјави Пендаровски.

Тој во интервјуто изјави дека проблемот со дебатата за Гоце Делчев ќе стане политички проблем, ако продолжи ваквиот пристап на бугарската страна и дека Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава.

„Значи, неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку познавање од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е историска вистина, стопроцентна, дека Гоце Делчев се борел за македонска држава? Автономија, независна држава, па дури на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија“, вели Пендаровски во интервјуто.

Пендаровски вели дека станува збор за два неспорни историски факти и ова го нуди како компромисен пристап кон ликот и делото на револуционерот чие дефинирање донесе тензии на релација Софија-Скопје во изминатите денови./извор рсе/