Поранешниот шеф на Интерпол призна дека зел мито-се чека пресудат

0
173

Поранешниот шеф на Интерпол, Менг Хонгвеј, денеска се изјасни за виновен за прифаќање 14,5 милиони јуани (2,1 милиони американски долари) за мито, додека му се суди во Кина, објавија државните медиуми.

Судот, во северниот град Тијанџин, ќе ја објави својата пресуда подоцна, објави официјалниот Народен дневен весник.

Судот додава дека Менг, поранешен кинески заменик-министер за јавна безбедност, „покажал покајување” за време на сослушувањето.

Не е јасно кој е адвокат на Менг и не е можно да се дојде до него за коментар, јавуваат западни медиуми.

Менг е меѓу групата кадри на Комунистичката партија, уапсени во кампањата против корупција, за која критичарите велат дека служи како начин да се отстранат политичките непријатели на претседателот Си Џинпинг.

Менг (64) исчезна во септември минатата година за време на посета на Кина. Извесен период се шпекулираше дека е киднапиран, а можеби и убиен. Интерпол на 7 октомври објави дека тој поднел оставка на функцијата шеф на Интерпол и еден ден подоцна Министерството за јавна безбедност објави дека е под истрага за примање мито. Неговата сопруга објави пораки од него, кои укажуваа дека е задржан не по негова волја. Подоцна тој беше обвинет за примање мито и исклучен е од Комунистичката партија. Неговата сопруга во јануари годинава побара азил во Франција за себе и своите две деца.

Грејс Менг и седумгодишните близнаци живеат во Лион каде е седиштето на меѓународната полцисика агенција. Тие се под полициска заштита бидејќи примале закани.

– Примив чудни телефонски повици. Автомобилот ми е оштетен. Двајца Кинези маж и жена ме следеа до хотелот, изјави Менг за француско радио.

Менг беше избран за шеф на Интерпол во крајот на 2016 година.