Преговори или избори – КОЛУМНА НА АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

0
415

КОЛУМНА НА АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА ОБЈАВЕНА ВО НЕЗАВИСЕН ВЕСНИК

Дали сме поблиску до датум за почеток на преговорите со ЕУ и до реконструкција на извршната власт или до нова политичка неизвесност и можни предвремени парламентарни избори? Тоа се две потенцијални траектории низ кои би продолжила државата откако премиерот Зоран Заев токму од Брисел порача дека сите, помалку или повеќе непопуларни потези и отстапки што беа направени, особено во последната година, може да паднат во вода доколку не биде остварена целта поради која и беа преземени.

Во таков случај, станува беспредметно да се реализираат и проектите планирани за блиска иднина, како што е, на пример, освежувањето на владејачката постава по потрошените две години од мандатот на актуелната влада која беше формирана токму со мисија да ги деблокира евроатлантските перспективи на државата по речиси десетгодишниот застој. Објективно е да се каже дека оваа влада вложуваше многу во тие процеси, на моменти запоставувајќи ги, за таа сметка, економијата и другите општествени сфери, и независно од одредени слабости на дневно-политичка основа и во други области кои, пак, беа препознаени како одлучувачки за демотивираноста на граѓаните на неодамнешните претседателски избори. Да не беше така, веројатно, ниту последните два извештаи на Европската комисија за напредокот на земјава немаше да бидат најблескави, а можеби немаше да содржат ниту препорака за итен и неодложен старт на преговорите, како што му беше сугерирано на Европскиот совет пред само неколку дена. Сепак, деновиве станува мошне очигледно дека позитивните извештаи не мора да бидат одлучувачки за тоа дали земјата ќе влезе во нова етапа од процесот на интеграција во ЕУ или, можеби, ќе се врати назад – на одредницата од која и почна деблокадата на евроатлантските перспективи и ќе се соочи со можен нов застој.

Кон средината на оваа 2019 година, се чини, државата е блиску до вонредни избори, како што беше и на почетокот на годината. Тогаш владејачката партија ги стави на вага можноста да си обезбеди нов четиригодишен мандат на „Илинденска“ или, со спојување на претседателските со избори за нов собраниски состав, да ги доведе во прашање реформските процеси кои, пак, се сметаа за одлучувачки за добивање на датумот за почеток на преговори со ЕУ. Соочени со таков предизвик, владејачките партии, сепак, ја избраа рационалноста во однос на стратегиските приоритети пред политичката прагматичност што можеби ќе ги задоволеше нивните теснопартиски интереси. Доведувајќи го под прашалник и постигнувањето на цензусот за претседателските избори, сепак, им беше даден приоритет на реформските процеси.

Неколку месеци подоцна, домашната политичка сцена е повторно мошне блиску до вонредни избори, исправена пред неизвесност околу добивањето датум за преговори, за што овој пат не може да биде аргумент неспроведувањето на реформите. Евентуалното распишување избори, пак, само по себе би значело нова неизвесност од поинаков вид. Во ситуација кога на домашен терен сè уште не се спласнати поделените емоции од постигнувањето на Преспанскиот договор, додека во Атина е на повидок смена на власта, а во Брисел се очекува нов состав на Европската комисија и на другите институции на Унијата, отворањето на изборната „славина“ лесно би можело да предизвика нови бранови на национализам и на евроскептицизам во земјава.

Всушност, во случај Северна Македонија и овој пат, и покрај максимално подгреаните очекувања кај граѓаните, да остане во чекалницата на ЕУ, поточно во „одделот“ за почеток на преговори, не мора да значи дека изборите ќе бидат единствената опција за излез од слепата улица. Но, кое било друго сценарио да го избере владејачката постава, како на пример враќање на мандатот на Заев и обиди за формирање на нова влада, повторно ќе значи отворање на вентилите на неизвесноста. Особено ако се има предвид дека таа нова влада ќе треба да се составува на значително поинакви постулати од тие од 2017 година, кога во нејзините темели беа вградени намерите за надминување на спорот со Грција, за зачленување во НАТО и за и почетокот на преговорите со ЕУ – покрај другите придружни елементи од дневно-политичка природа, како што беше на пример Законот за употреба на јазиците.

Затоа разбирлив е потегот на премиерот да ја стави засега на стенд-бај владината реконструкција и да почне да размислува за алтернативни потези. Сепак, има уште (малку) време за тој и неговиот тим во наредните денови да ги вложат последните напори за лобирање за добивање датум за преговори во „најразумен можен рок“. Тоа мора да се направи, не за да ја задржат власта и да избегнат предвремени избори, туку за да овозможат земјата да избегне нови поглавја на политичка нестабилност и несигурност, како и враќање на стратните позиции од пред две години. И тоа во ситуација кога е веќе изоден можеби повеќе од половина од патот до Брисел и се прескокнати некои од најголемите препреки.