Презакажан пречекот – авионот со ракометарите на Вардар ќе слета во 18:50, чартерот и прославата ги плаќа Град Скопје

0
233

Експедицијата на Вардар попладнево во 18:50 часот ќе слета на аеродромот во Скопје, откако Град Скопје обезбеди чартер лет за новиот европски шампион во ракомет.

По повод историскиот успех на градскиот ракометен клуб Вардар скопскиот градоначалник Петре Шилегов побара од советниците на РК Вардар, Град Скопје да му даде награда во износ од шест милиони денари.

-Од синоќа сум во контакт со управата на Ракометниот клуб, успеавме да обезбедиме чартер лет за клубот. Износот е 39.500 евра на авионот. Ќе полета во 14:30 часот, а во Скопје ќе слета 18:50 часот. Го координиравме авионот за да бидат завршени сите безбедносни мерки поради  Самитот на НАТО за да може скопјани слободно да присуствуваат на оваа свеченост, рече Шилегов на почетокот на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Тој побара Советот на Град Скопје да донесе одлука за подмирување на трошоците за чартер летот, како и сума во износ од околу два милиони денари за организација на настанот, односно за пречекот на ракометарите.

-Вкупната сума ќе ја ставиме во посебна одлука и барам ова да го внесеме како точка на дневниот ред, рече Шилегов.

Додаде дека момците се чувствуваат добро и оти се многу весели.

Според Шилегов, ова е еден историски успех и ги повика скопјани достоинствено да ги пречекаат ракометарите.