Пеливанството ќе стане културно добро на државата

0
227

Министерот за култура Хусни Исмаили денеска присуствуваше и се обрати на Меѓународната културно-спортска манифестација во традиционално борење (пеливанство) која се одржа во Спортско-рекреативниот центар во Студеничани.
Пред присутните министерот Исмаили истакна дека Министерството за култура ја дава својата поддршка за прогласување на овој етно-спорт за културно добро на Република Северна Македонија со што ова автентично случување со сите свои специфики ќе се заштити како културно наследство.

-Тоа е само уште една потврда дека пеливанството е вековна традиција на албанскиот народ што подразбира почитување на моќтта, почитување на противникот, почитување на правилата, на јавноста и достоинствената прослава. Кога на сето ова ќе се додадат обредите пред настапот на борачите-пеливани, тогаш традицијата добива големи вредности кои се восхитувачки за секоја нација, рече Исмаили.

Тој додаде дека и во иднина треба да да се продолжи со грижата за зачувување и негување на традицијата како богатство кое е од особено значење за генерации кои доаѓаат.

Инаку во рамки на манифестацијата освен од земјава учествуваа борачи-пеливани од балканските земји, Турција, Грција, Бугарија, Косово и Албанија, кои се натпреваруваа во пет категории. Во рамки на манифестацијата настапија и членовите на културно-уметничкото друштво „Емин Дураку“ кои презентираа традиционални ора и игри, а неизоставен дел од настанот беа и старите традиционални јадења карактеристични за реонот Каршијака.

За вековната традиција пеливанство како традиционален спорт и вештина во општина Студеничани, како своевиден културен артефакт , Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ изготви елаборат со цел прогласување на овој етно-спорт за културно добро на Република Македонија со што ова автентично случување со сите свои специфики ќе се заштити како културно наследство.

Настанот во организација на Здружението за образование, култура, спорт и екологија (АКСИ) и Федерацијата на пеливани на Македонија, деветта година се реализира со поддршка на Министерството за култура.