Ахмети: Сите на див начин како волци организираат пропаганда против ДУИ

0
214

 

На првото собрание на ДУИ што се одржа во Сарај пред партискиот конгрес, свое обраќање имаше лидерот на партијата, Али Ахмети, кој зборуваше за како што рече, пропагандата, која сите на див начин и како волци ја организираат против ДУИ.

„Каде им се фактите, нека покажат еден аргумент од десетиците илјади прислушкувања дека некој од ДУИ ја има злоупотребено власта и довербата, дали овие луѓе мислат дека Албанците пасат трева и ќе не казнат нас поради приватни разговори, тие може да имаат краткотраен ефект, но покасно граѓаните ќе почнат да размислуваат“, истакна претседателот на партијата.

Тој додаде дека како лидер на ДУИ прв ќе ги поздрави издржаните докази против функционери од неговата партија.

„Дали некој украл, нека ги дадат прислушкувањата, дали некој дал наредба за противзаконско дејствување, јас ќе ги поздравам прв од ДУИ ако ги даваат овие факти, но такви нема затоа што ние не сме избрани за да ја изневериме довербата на гласачите. Јас не велам дека нема и ѓаволи, ајде да ги пронајдеме, но не со празни зборови туку со одредени дејствија. Да застанеме и да направиме анализа кој направил најмногу за оваа земја, на се што е направено, не само напишаното, но и документираното во сите области на дејствувањето, од националното знаме до унивезитетите, јазикот, културата, што се подигнаа на повисоко ниво“, посочи Ахмети.