Боки 13 зел 1, 5 милиони евра за да запре кривична постапка

0
191

 

Обвинителката Вилма Русковска побара од Кривичниот суд определување на мерка притвор за две осомничени лица кои се сомничат дека сториле кривично дело „примање награда на незаконит начин“ и „перење пари“.

По поднесена кривична пријава, OJO отвори истрага за две лица кои се сомничат дека сториле кривично дело „примање награда на незаконит начин“ и „перење пари“. На денешната прес конференција обвинителката Вилма Русковска соопшти дека за овој случај се собрани повеќе вербални и материјални докази и затоа од Кривичниот суд побара мерка притвор за осомничените. Како што соопшти од ноември лани, до април годинава, првоосомничениот влијаел преку јавен обвинител да се олесни кривичниот прогон кон одредено лице за кое се водело постапка. Од лицето на кое му помогнале во неколку наврати примиле еден и пол милиони евра како поткуп. За да продолжат да му помагаат било договорено да примат уште 5 милиони евра како награда. Но, откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.

Русковска информираше дека првоосомничениот се сомничи и за перење пари, што значи дека нелегално земените пари ги користел за лични задоволства, одмори, облека и друго.

„Во оваа постапка нема опфатено правно лице. Се уште немаме комплетна финансиска истрага, со тоа што за првоосомичениот досега немаме најдено имот на негово име, а за второосомничениот се уште е во тек финансиската истрага. Сослушани се повеќе сведоци, се собираат материјални докази и мора сите да признаете дека ова е премногу краток период за да имаме комплетна слика и од финансиски план, но и од инволвираност за други лица“, изјави Русковска.

Извор РСЕ