Во Тетово не издржа ни еколошкото дрво

0
209

 

И на еколошкото дрво, кое беше поставено во форма на билборд во центарот на Тетово и требаше да го прочистува воздухот во градот, односно да ги апсорбира штетните ПМ-честички, тетовци му го најдоа чарето, објави Независен Весник. Откако беше поставено во 2017 година, во неколку наврати голем дел од садниците беа откорнати и украдени од несовесни граѓани, а останатите поради неодржувањето на екодрвото од општинските власти – се исушија. Исто така, од несовесни граѓани демолирана е и конструкцијата на еколошкиот билборд.

Апсурдот е дека кога е загаден воздухот во Тетово, сите граѓани се жалат дека дишат отрови, а кога го поставија дрвото кое го прочистува воздухот, навалија на него и почнаа да го корнат. Патем, вакви еколошки дрвја по западните земји има многу и никој не ни помислува да го оштетува, па и се грижат за нив.

Екодрвото во Тетово трета година по ред само се уништува. Од „Екосвест“, кои учествуваа во овој проект, изминативе две години велеа дека дрвото не е исушено и ќе преживее, но треба општинските власти да водат поголема грижа за него. Но сега од оваа организација не сакаат многу да коментираат за неговата состојба нагласувајќи дека таа зависела од грижата на Јавното комунално претпријатие „Тетово“, кое треба да го одржува системот за наводнување инсталиран во самото дрво, а Општината да води сметка и контрола на самото дрво, и во соработка со полицијата да ги санкционира тие кои се однесуваат вандалски кон него.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, на прашањето зошто се дозволило овој проект да заврши лошо и дали ќе се преземат мерки да преживее дрвото, одговори дека ќе се набават нови садници и ќе се поправи системот за негово наводнување, така што екодрвото пак ќе биде вратено во првобитна состојба. Овој одговор Арифи го даде пред околу три месеци, но состојбата со дрвото оттогаш е уште полоша.

Екодрвото во вредност од 25.000 евра е поставено како донација од Германија и од неколку домашни фирми. Освен во Тетово, вакво еколошко дрво во форма на билборд е поставено и во Скопје.

Преку мовта на дрвото засадено во садниците се прочистува воздухот, односно мовта ги апсорбира штетните честички. Како што наведоа еколошките организации и донаторот, екодрвото има ефект како 275 засадени дрвја и може да го компензира загадувањето од 417 автомобили. Но оваа полезност тетовци ја искористија едвај една година, а потоа му најдоа чаре и целосно го уништија.

Зелениот билборд е вертикална конструкција направена од мов, висок 4 метри, а широк 3 метри и со длабочина од 60 сантиметри. Вакви зелени билборди се поставени во поголемите градови низ светот, како што Берлин, Дрезден, Париз, Осло, Хонгконг