Грција се врати на традиционалната политика

0
186

Пишува Љупчо Поповски

Четири и пол години траеше своевидниот политички експеримент во Грција кога гласачите, гневни од корупцијата, лажните економски показатели, неочекуваното соочување со сиромаштијата и невработеноста, се свртеа кон левичарската Сириза и нејзиниот харизматичен лидер Алексис Ципрас, верувајќи дека тие можат да направат чудо во економски измачената нација. Во неделата Грците се свртеа назад, кон проверената политика, верувајќи дека партијата која беше најголем виновник за економската криза сега може да се трансформира како спасител, а новиот премиер Киријакос Мицотакис, за сигурен капетан на разнишаниот брод.

Алексис Ципрас брутално разбра дека кога во една демократија си на врвот има само еден начин да се придвижиш – да тргнеш надолу. Ципрас успеа да ја размрда економијата која беше на самиот раб на бездната, со помош на кредиторите ги стабилизира финансиите, ја намали невработеноста од 28 на 18 отсто (но таа сè уште е најголема во ЕУ); успеа со различни мерки да ги врати туристите во Грција и тоа во бројки какви што досега немало – годинава се очекуваат 33 милиони туристи; Грција ја врати на главната сцена во регионот; Ципрас успеа од Америка под Трамп да создаде силен поддржувач, особено поради улогата на Атина во настаните на Блискиот Исток, и тежиштето на наклонетоста на Вашингтон на оската на чиј друг крај е Турција, да го помести кон Грција. Но тоа не беше доволно. Грците се незадоволни од бавното закрепнување и бараат работите да се одвиваат побрзо. Кој може да им забележи на нестрпливите граѓани кои бараат враќање на мирниот и сигурен живот, а политичарите постојано им велат да се стрпат уште малку.

Генерално, поразот на Ципрас и Сириза, чиј пат беше трасиран на европските избори, е последица на истата платформа на незадоволството на која падна неговиот претходник Андонис Самарас – разочараноста од живеачката. Врз четири основи Ципрас го градеше својот пораз – неисполнувањето на ветувањата за економски пресврт; зголемувањето на даноците поради барањата на кредиторите, со кои беше избришан голем дел од средната класа; Преспанскиот договор за името на Македонија; и горчливите сеќавања од трагичниот пожар пред една година во предградијата на Атина, во кој загинаа 103 лица. Во месецот пред гласањето драмата со пожарот повторно се врати во главните вести со потсетување дека власта потфрлила онаму каде што е најважно – во зачувувањето на човечките животи.

Колку и да доминираа економските прашања во кампањата и перцепцијата на Грците за работата на владата, Преспанскиот договор ѝ зададе многу силен удар на владата. Националистите не му ја простија храброста на Ципрас, а особено оние милионски гласачи во Северна Грција. Мицотакис и Нова демократија беа доследни до последен момент против договорот наведувајќи дека со него им се наштетило на грчките национални интереси. Поради тој договор, во владата имаше двовластие бидејќи десничарот Панос Каменос како министер за одбрана грмеше против Преспа и ја цементираше перцепцијата дека државата ја води една раскарана коалиција.

Грците, во основа, со симнувањето на Сириза од власт, барем засега му ставија крај на експериментот со кој го прекинаа владеењето на политичките династии од десницата и левицата. Но како да имаат некаква политичка зависност од нив, Грците му се вратија на семејството Мицотакис. Синот на поранешниот премиер Константин Мицотакис (кој има семејни врски со прочуениот Елефтериос Венизелос), Киријакос, вчера положи заклетва како нов претседател на владата. Синот на неговата сестра Дора (поранешна министерка за надворешни работи), Коста Бакојани, во април стана градоначалник на Атина.

Македонската јавност сега е во големо исчекување што ќе се случува со Преспанскиот договор. Ако се суди според изјавите што постојано ги даваше Киријакос Мицотакис, не постои некаква реална опасност новото мнозинство во грчкиот парламент да го поништи договорот. Грција е сериозна држава и секоја власт добро знае дека непридржувањето или поништувањето на еден ваков договор, ратификуван и во македонскиот и во грчкиот парламент, би ги довело во опасност многу други договори кои Атина ги склучуваше последниве сто години. А најважниот од нив, Лозанскиот од 1923 година, со Турција, со кој беше озаконета размената на населението. Доколку Атина го поткопа Преспанскиот договор, некој друга земја ќе поткопа некои други договори.

Едно друго, во овој момент, изгледа сигурно – дека заврши краткотрајната златна доба во македонско-грчките односи. Познавајќи ја историјата на Нова демократија, изгледа малку веројатно дека новите грчки министри би доаѓале толку често во Скопје, како оние на Сириза. Зоран Заев требаше во мај да отиде во Атина во возвратна посета по доаѓањето на Ципрас во Скопје, но поради збрката на грчката политичка сцена околу европските и националните избори, таа беше одложена. Сега е големо прашање дали Заев воопшто ќе отиде во Атина, а уште поголемо – дали Мицотакис ќе дојде во Скопје.

Мицотакис, школуван на Харвард и Стенфорд, важи за либерален политичар со ставови поблиску до центарот. Но целата партија на овие избори отиде подалеку кон десницата преземајќи многу гласови од Златна зора. Ваквата продесна ориентација може да дојде до израз кога ќе се одлучува за датумот за Македонија во Европскиот совет во октомври. На самитот на лидерите тогаш ќе биде Мицотакис и нема да биде чудно ако ја поддржи длабоката воздржаност на Франција. А да не зборуваме за многуте можности што ѝ стојат на располагање на Атина при отворањето на поглавјата во преговорите. Или во разговорите меѓу двете држави за трговските марки. Едноставно, доаѓаат покомплицирани времиња во односите меѓу двете земји, кои некако брзо станаа пријатели со разбирање. Сега доаѓаат други денови на искушенија во кои двете земји треба заеднички да го најдат она што ги поврзува за да не замрзне она што изгледаше како вистинска пролет меѓу двата соседа.

Интервјуто е превземено од Независен Весник