НОВА дознава: Антикорупциска отвора предмет за Рашковски

0
146

 

Антикорупциската комисија по допрен глас ќе отвори предмет за Генералниот секретар Драги Рашковски и неговата евентуална вмешаност во изборот на фирма која треба да постави нов радарски систем на македонскиот аеродром, дознава НОВА.

Случајот се отвора откако во јавноста се објави аудио снимката на која се слуша како Рашковски наводно договора реализација на тендерот кој го добила италијанската фирма „Леонардо“.

Според информациите на НОВА, Антикорупциската комисија ќе проверува дали Рашковски навистина имал добиено задолжение од Владата да разговара за тендерот и дали е законски да преговара со претставнции на италијанската компанија, но и за обвинувањата од опозицијата дека тој договорал мито.

ВМРО ДПМНЕ поднесе пријава за Рашковски до Јавното обвинителство од кое побара да му одреди и притвор затоа што незаконски влијал тендерот за поставување на нов радарски систем на македонската навигација да го добие фирмата „Леонардо“.

Рашковски се бранеше дека тендерот веќе бил завршен во времето на претходната власт и дека фирмата „Леонардо“ била избрана од претходниот директор на М-НАВ Живко Поповски – инаку татко на поранешниот шеф на дипломатијата Никола Поповски. Исто така Рашковски на прес конференција негираше дека договорал провизија. Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека во овој момент нема да го менува Рашковски затоа што не сторил ништо незаконско, а за навредите кои на аудио снимката ги упатува кон Италијанците и ромската заедница се извинил „до небо“.