Османи бара итно ослободување на Морина

0
173

Вицепремиерот Бујар Османи бара итно ослободување на поранешниот припадник на ОВК, Томор Морина, кого македонските власти минатата недела го уапсија на Блаце по потерница од Интерпол, на барање на Србија.

Морина, кому му е определен 30 дневен притвор, уште денеска ќе биде посетен од Османи, кој како што рече уште од првиот ден е ангажиран за негово ослободување.

“Сето ова е резултат на потерницата издадена од седиштето на Интерпол во Лион. Тоа подразбира дека судството во земјава мора да ги помине потребните судски постапки додека Министерството за правда не донесе одлука за неекстрадирање на Морина. Се уште не е доставено барање од адвокатот до Министерството. Секојдневно  контактираме со министерката за правда. Очекува барање од адвокатите. Поради тоа настојував да се сретнам со него и да видам каде е празнината во комуникацијата на неговите адвокати со министерката. Бидејќи толку колку што може да влијае политиката во вакви ситуации, правиме се што е можно.  Ова е недозволиме и итно треба да се ослободи Морина” – изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Османи не смета дека ваквото негово барање е мешање и притисок за судски одлуки и рече дека само се обидува да ја забрза постапката во Минстерството за правда.

Од Министерството за правда за Телма не ја коментираа изјавата на Османи, но за Телма информираат дека до нив се уште не е стигнато барањето за екстрадиција на Морина, кое штом ќе стигне ќе биде проследено до надлежниот суд.

„Во целокупната досегашна постапка околу задржувањето на г. Морина и неговото притварање, Министерството за правда немаше надлежност да одлучува или да се меша во постапката. Штом се достави барањето за екстрадиција, Министерството за правда ќе го препрати до надлежен суд, врз основа на чија одлука ќе биде донесена конечната одлука од страна на министерката. Што се однесува до одлуката за притварање, судски одлуки ниту сме коментирале, ниту ќе коментираме“, наведуваат од мнистерството за Правда.

Додека министерството за правда го чека барањето за екстрадиција, освен Османи за случајот Морина, став изнесе и премиерот Заев одговарајќи на пратеничко прашање во четвртокот. Според него мора да се почитува владеењето на правото и меѓународните нормативи и дека за Морина ќе решат надлежните институции.

Сепак Заев рече дека во правото јасно стои дека Морина е граѓанин на Косово, а не е граѓанин на Србија и се ослободува од притвор и не се прави екстрадиција.

Србија го бараше Морина преку Интерпол под обвинение за сторени вени злосторства против цивили за време на конфликтот во Косово.

Извор Телма