Македонците и натаму со најниски плати во регионот

0
82

Македонците и натаму имаат најниски плати на Балканот. Анализите на српските портали покажуваат дека со просек од речиси 414 евра месечно, граѓаните на Македонија се со најниски месечни примања односно дека заработуваат помалку од Србите кои имаат 470 евра за трошење секој месец.

И жителите на Босна и Херцеговина имаат повисоки плати, таму просекот е 472 евра. Во Црна Гора во јуни просечната плата изнесувала 516, а во Хрватска 886 евра. Убедливо највисоки плати во регионот имаат Словенците или 1.114 евра.

Со просечна плата од 414 евра, граѓаните едвај можат да ги задоволат најосновните месечни потреби. Според Сојузот на синдикати на Македонија, минималната синдикална кошница во јуни изнесувала 32.710 денари, односно на четиричлено семејство му требале 532 евра за да го истурка месецот.

За исхрана и пијалоци се трошат 13.615 денари, за трошоци за домување 10.412 денари, за хигиена 2.307 денари, за превоз 2.408 денари. За облека и обувки се трошат 2.193 денари, за култура 1.070 денари, а за одржување на здравјето само 704 денари.
Ниската куповна моќ на Македонецот ја потврдува и европската статистика. „Еуростат“ пресмета дека над 60 % од македонците немаат пари за да си дозволат да одат на одмор една недела.

Просечната плата во земјава во моментов изнесува 25.270 денари, а невработеноста е спуштена на 17.8%. Додека аналитичарите критикуваат дека невработеноста е вештачки спуштена поради масовното иселување, Владата останува оптимист дека состојбите ќе се подобрат и просечната плата во земјава ќе се зголеми на 500 евра до крајот на нејзиниот мандат.

Ако просечната плата од почетокот на владеењето на СДСМ досега е зголемена за 2.462 денари, со истото темпо, ветената плата од 500 евра е далеку од достижна.