Струга ја слави поезијата – отворени 58-те Вечери на поезијата

0
345

Со традиционалното читање на песната „Т`га за југ“ и моќната порака што во име на поетите од целиот свет ја испрати македонскиот поет и прозаист Влада Урошевиќ, синоќа беа отворени 58-те Струшки вечери на поезијата.

– Кога пред многу години, летото 1961 година, 12-те македонски поети меѓу кои и јас, се собраа во Струга да ја прослават 100-годишнината од објавувањето на „Зборникот на народни песни“ на браќата Миладиновци, никој освен нив, не се осмелуваше, ниту да замисли дека тогаш мошне скромен собир ќе прерасне во голем меѓународен поетски фестивал чие име ќе ужива углед и во најоддалечените земји ширум светот. И поетите успеаја да се изборат за својата визија. Фестивалот се разви и се одржа наспроти не секогаш лесните услови, и претставува денес можеби најстар поетски фестивал кој се уште живее. Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде пишувањето песни станува дејност на која јавноста не и подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата преку еден ваков фестивал како што е струшкиот претставува благороден и високо морален чин, истакна Урошевиќ.