Шилегов: Изјавите на Беџети за референдум за Матка се евтино политиканство

0
84

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во врска со тврдењата на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети дека врз него се вршело притисок за да се урне само една од трите платформи на Матка, со цел да се замачкаат очите на јавноста, рече дека тврдењето на Беџети е делумно точно.

– Јас побарав да се сруши платформата која што беше започната да се гради годинава, а за која градоначалникот на Сарај тврдеше дека е постоечка и дека се врши реконструкција. Всушност, реакцијата на јавноста, реакцијата на скопјани, беа токму за градењето на таа предметна платформа, а гледам дека се проширува. Поради тоа го повикав Беџети кај мене во кабинет и од него побарав предметната платформа да биде предмет на рушење. Тој изјави дека и останатите две се дивоградби. Ние немаме никакви ингеренции за дивоградбите, каков е статусот на останатите две платформи во езерото Матка ми е непознат. Тогаш како градоначалник на Скопје изреагирава на тоа што сите во тој момент реагираа, рече Шилегов на денешната прес конференција.

За заканата од Беџети дека дека ќе распише референдум ако Владата им ги одземе надлежностите за Матка, Шилегов вели дека не може Општина Сарај да распишува референдум околу ингеренциите за кањонот Матка, бидејќи тоа е природно богатство кое припаѓа на сите граѓани.

-За мене ова е евтино политиканство. Матка е природно богатство и природните богатства припаѓаат на сите граѓани. Решението за кое јас се залагам е Градот, Општината и државата да управуваат со кањонот Матка. Законското решение на кое работиме е да биде заштитена и да не зависи ниту од волјата на градоначалникот на Скопје ниту на градоначалникот на Сарај и да биде институционално заштитено како природно богатство. Не можете да ги монополизирате работите, замислите јас да распишам референдум за реката Вардар или градоначалникот на Гостивар тоа да го направи бидејќи изворот е не неговата територија. Тоа е ресурс кој припаѓа на сите, рече Шилегов