Јанева „се враќа“ на местото каде се заколна во чесна работа

0
133

Во просторијата каде што Јанева некогаш даваше свечена заклетва, денеска на дневен ред е еднo прашање: дали Советот на Јавни обвинители ќе почне постапка за нејзино разрешување, пишува Дојче веле.

„Изјавувам и се колнам дека функцијата ќе ја вршам совесно, непристрасно и одговорно, и дека ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот и интересите на други правни субјекти…”

Вака на 16-ти септември 2015 година специјалната јавна обвинителка Катица Јанева даде свечена заклетва пред Советот на Јавни обвинители.

„Денеска седам пред вас сама, а за еден месец ќе ме видите со мојот тим позади мене“, рече таа по заклетвата.

Четири години подоцна таа е во притвор како осомничена за случајот „Рекет“ и повторно сама, бидејќи тимот се огради и веќе не стои зад неа. Во просторијата каде што Јанева некогаш даваше свечена заклетва, денеска на дневен ред е едно прашање: дали Советот на Јавни обвинители ќе почне постапка за нејзино разрешување. Јанева на 15 јули (денот на апсењето на Бојан Јовановски) најави оставка на функцијата која ќе се активира по изборот на нов специјален обвинител, со оглед дека мандатот ѝ завршуваше на 15-ти септември годинава. Најавата на оставката е објавена на веб страницата на СЈО, но официјално не е депонирана во архивата на СЈО. Но, дури и да е депонирана, поради правни празнини прашање е дали Советот на Јавни обвинители ќе може да избере в.д. шеф на СЈО, користејќи ја одредбата од Законот за СЈО во која се вели дека за сѐ што не е регулирано со тој закон, се применуваат одредбите од Законот за јавното обвинителство. Се претпоставува дека Советот денеска ќе оценува дали има елементи за нејзино разрешување од функцијата.

„Денеска ќе почне расправата, ќе видиме дали има елементи за разрешување на Јанева или можеби ќе нема согласност за тоа. Ако одлучиме дека се разрешува, се изготвува Извештај кој го праќаме до Собранието“, вели претседателот на Советот на Јавни обвинители, Коле Штерјев, кому в четврток му истекува двегодишниот мандат, и нема право на повторен избор.

Долга постапка

Во членот 18 став 1, од законот за СЈО е уредена процедурата за разрешување: „Јавниот обвинител се разрешува од функција пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител, Советот на јавните обвинители во разумен рок ќе достави извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување до Собранието на Република Македонија”.

Потоа, врз основа на доставен извештај од страна на Советот на јавни обвинители, на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието, а по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, Советот по предлог на Собранието го разрешува јавниот обвинител. Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.

Ако се оди на ваква постапка, која бара многу време, тоа значи дека СЈО подолг период ќе биде без шеф кој им ги дава овластувањата на обвонителите да го застапуваат пред судот. Односно, на повидок е застој во работата на СЈО, кој може да резултира со застарување на одредени предмети.

Законот во собраниска процедура

Состојбата не е подобра ни во работната група каде членови на власта и опозицијата треба да ги усогласат ставовите за предлог законот за јавното обвинителство, а кој треба да ја одреди иднината на СЈО и статусот на неговите предмети. Според министерката за правда, Рената Дескоска, несогласувањата се однесуваат за статусот на предметите кои ги води СЈО. „Од самиот почеток, клучните непремостливи разлики се однесуваат на ова прашање, односно желбата и барањето тие предмети да не завршат ефикасно или воопшто да не завршат – и нашите црвени линии кои значат дека правдата и одговорноста мора да дојдат, без оглед дали тие предмети ќе ги заврши СЈО, Обвинителство за организиран криминал или друго обвинителство“, вели Дескоска.

Клучното прашање е – што со предметите кои ги води СЈО?

„Нашиот предлог во законот, на којшто остануваме, е тие предмети да бидат трансферирани во Обвинителството за гонење организиран криминал и да продолжат од точката во која се стасани во СЈО, со цел да нема одолговлекување, да нема застој во постапките и да нема губење на докази. Се договоривме забелешките коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ да ги преточи во амандмани, со оглед на тоа што законот влегува во собраниска процедура“, објаснува министерката.

Околу истражителите во СЈО се разговара за две опции: едната е да се префрлат целосно во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а другата е да се вратат во МВР од каде што се дојдени, а потоа да бидат преземени во Истражен центар кој би се формирал во рамките на Обвинителството.

Дескоска се надева дека денеска сите партии и пратенички групи во Собранието ќе ја поддржат потребата за донесување на законот за ЈО.

Запрашана дали обвинителите од СЈО имаат кредибилитет да ги продолжат истрагите со оглед на тоа што нивната шефица е осомничена за еден од тие случаи, Дескоска беше децидна: „Врзувањето на личната одговорност не треба да се врзува со колективната одговорност. Уништувањето или опстанокот на една институција не треба да зависи од тоа кој е на чело на таа институција.“