Лекарите признаа дека мора да го подобрат односот со пациентите

0
128

Долго чекање за преглед, недостапност на здравствени услуги, недоверба во државното здравство поради одливот на кадар во приватните болници.

Според здруженијата на пациенти ова се дел од причините кои предизвикуваат очај и депресија кај болните и нивните фамилии кои се манифестираат во насилство врз лицата во бел мантил. Дополнително пациентите се незадоволни и од ефикасноста на надлежните кои треба да го решат нивниот проблем.

-Може да замислите ако имате болно дете и ако го шетате по болници долго време и сеуште не знаете што му е и ако имате терапија, а таа не ја добива или доцни, не знаете кај да го изразите незадоволството . Често пациентите се жалат кај здруженијата, во МЗ, ретко кој се жали во комисиите за права на пациенти или во ДСЗИ. Проблемот е што ретко добиваат задоволителни одговори од типот да го провериме тој и тој доктор, што се случува со здравствената услуга или еве го решението, изјави Весна Алексоска, од здружението на пациенти Живот со предизвици.

Од Комората на здравствени работници велат дека во болниците и клиниките најчесто агресивни се членовите на семејството на пациентот, а први на удар се медицинските сестри.

-Фамилијата мора да разбере дека тоа насилство дава голем импакт врз здравствената нега која ќе ја спроведуваат и сестрите и другите здравствени работници и тоа влијае на работниот тек. Колку повеќе ќе бидат насилни и агресивни толку повеќе го прекинуваат тој процес. Мора да се работи на враќање на довербата, изјави Виолета Котевска, претесдател на Комората на здравствени работници.

Од друга страна од Лекарската комора признаваат дека не секогаш се виновни пациентите. Фелата ќе инсистира на подобрување на однесувањето и на некои доктори.

-Секој млад дипломиран доктор добива прирачник како треба да се однесува заедно со лиценцата за работа, но не секој се однесува така, изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.

По зачестените физички напади врз медицинарите за да запре насилството Лекарската комора почна серија работни состаноци со здруженијата и на пациенти и на доктори со цел заеднички да ги лоцираат проблемите и да ја вратат довербата едни кон други.