Ако се намали ДДВ за увоз на коли, ќе нема субвенции за купување возила

0
169

Тукушто ја најави, а Владата веќе размислува да се откаже од мерката за субвенционирање на набавка на коли со ЕУРО 5 и 6 стандард. Министерот за економија Крешник Бектеши размислува да го намали ДДВ-то за увоз на нови, но и на половни возила. Најверојатно падот би бил од сегашните 18 на pod 5%. Ако крајната одлука биде пониско ДДВ, Владата ќе се откаже од субвенциите до 3.000 евра за купено возило. На тој начин, ќе се избегнеле случаите некој да аплицира за субвенции, а да остане со празни раце. Во Владата се уште прават пресметки, која варијанта е поисплатлива.

– Не е напуштена идејата за три илјади евра, паралелно работиме на фискалните импликации, но работиме и на тоа на колку граѓани може да помогнеме со првата и колку со втората мерка. Првичните информации кои нас ни доаѓаат се дека е подобро да одиме со втората мерка бидејќи така ќе им овозможиме на сите заинтересирани граѓани да увезуваат нови автомобили – вели министерот Бектеши.

Ова не е првпат, Владата да се пофали со некоја мерка, без конкретна анализа. Кога најави субвенционирање за купување на коли со повисок стандард, Владата не излезе со бројки колку пари ќе се потрошат за таа намена, колку стари коли ќе се уништат на отпад, или колку тоа би го намалило загадувањето. Сега, од Владата, повторно немаат одговор колку намалувањето на ДДВ за увоз на коли ќе ги намали приходите во државниот буџет. Пак, се чека на нови анализи.

„Мерката која во моментов се разгледува, но сѐ уште не е донесена предвидува ДДВ на моторни возила од 18% на под 5% да се намали во период од 6 до 12 месеци и да започне да се применува од почетокот на следната година. Пред да биде донесена одлука која мерка ќе биде прифатена, ќе отвориме широка и транспарентна дебата со сите засегнати страни, а ќе бидат земени предвид и какви финансиски импликации двете мерки ќе имаат на Буџетот“ – велат од Владата.

Инаку, со предлог ребалансот на буџетот за годинава барем се предвидоа пари за вградување на плински уреди во возилата. За имплементација на оваа мерка ќе се потрошат 244 илјади евра.

Извор Алфа