ВРАТНИЧКА САГА

0
153

 

И кога Вратничани мислеа дека оваа година конечно нешто убаво им се случува, кога се направи и тоа како успешна промоција на Вратница преку издавање на книгата „Вратничка Енциклопедија“ и претставувањето на Вратница во најубаво светло, нејзиното славно минато и потенцијалите со кои располага – повторно ладен туш!

И покрај сите укажувања до сите надлежни релевантни фактори во државата од претходната и сегашната власт, повторно на Вратничани им се отвора раната поради која Вратница крвари веќе 5 години.
И покрај тоа што веќе и врапчињата знаат дека Вратничани никогаш нема да дозволат да им се одземе и уништи единственото природно богатство кое им е останато од сите убавини кои поради негрижа на надлежните институции им се украдени, повторно со сила им се наметнува проектот за уништување на Вратничка река, единствените недопрени шумски површини околу реката, и сиот животински и растителен свет што е директно зависен од реката.

Проектот за изградба на дури 5 мали електрични централи со вкупна моќност од само 5 мегавати електрична енергија, за сметка на ставање во цевки на целата вода од реката од самите нејзини извори, па се’ до вливот во Вардар, повторно, по неколкугодишно затишје, се актуелизира.
Дали Вратничани, Орашјани, Староселци и жителите од околните населени места треба да бидат агресивни и дрски, па надлежните челници конечно сериозно да ги сфатат, и да ги почитуваат нивниот збор и желбата да ја зачуваат оваа природна убавина?!
Како може да се дозволи заради бизнис интересите на една шака моќници исклучиво заради нивен личен профит, да се стави во прашање опстанокот и голата егзистенција на ова население кое живее околу реката?!

Сосема добро ја разбираме потребата на државата од производство на електрична енергија од обновливи извори, ама исто така знаеме дека мора да се стават на вага придобивките од реализација на овој проект, со штетите кои ќе произлезат од истиот. Вратничани се длабоко убедени, а тоа може во секое време да го докажат и со аргументи, дека во случајов штетата ќе биде далеку поголема од придобивката.
Ќе биде направен геноцид на природните убавини во поширокиот вратнички, орашки и староселски регион на подолг период, и ќе биде ставен под знак прашалник опстанокот на овие населени места.

Пред 7 години, во голем шумски пожар беше уништен целиот шумски фонд на Вратница во планинскиот појас. Цели 10 дена Вратничани се бореа да го стават под контрола пожарот и да го изгаснат, без практично никаква помош од државата.
За жал, резултатите се погубни, и беа уништени стотици хектари вековни шуми на кои ќе им требаат стотина години за повторно да заживеат и да го вратат стариот сјај.
Месноста Габар веќе со години се уништува од страна на концесионерите на рудниците за ископ на калциум карбонат, со што во целост се менува самата географија на целиот крај.
Шумскиот појас под селото, се’ до Вардар, кој е во приватна сопственост на Вратничани, веќе со децении безмилосно се сече и уништува од страна на дрвокрадци, без притоа државните органи да преземат активности за спречување на оваа појава.
Уништени се стотици хектари густа дабова шума, и никој за тоа не презема никаква одговорност, иако се работи за приватни имоти за кои Вратничани совесно ги плаќаат сите даноци.
Од целото природно богатство со кое располагаше Вратница, недопрена останува само реката и шумскиот појас околу неа, и тоа само поради фактот што тој предел е практично недостапен.
Со изградбата на малите централи и со отворањето на пристапни патишта, всушност ќе се отвори простор за уништување и на ова наше недопрено богатство.
Да не го споменуваме и законот за води, во кој во целост се поставени приоритетите за користење на водните ресурси.

На крај, упатуваме јавен повик до сите надлежни институции во државата, да најдат време да ги сослушаат Вратничани, за истите да ги аргументираат нивните ставови и заеднички да изнајдат начин да го спречат овој геноцид.
И покрај тоа што со закон е предвидена јавна расправа за вакви проекти, во која ќе биде вклучено и локалното население, некој очигледно свесно бега од ова, бидејќи е свесен дека аргументите се на страната на населението.

Вратничани уште еднаш ставаат до знаење дека нема да дозволат уништување на ниту една педа од Вратничка река. Тоа се совесни граѓани на ова општество и ги исполнуваат сите обврски кон него, но исто така се и граѓани кои имаат свои права кои некој треба да ги почитува.

Вратница, септември 2019 година

– Здружение на Жители на Вратница
– Координативно Тело за Спас на Вратничка Река