Мицотакис до Заев:Немаше да го потпишам Преспанскиот договор

0
139

Доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива за Северна Македонија, било истакнато од грчката страна

Владата на Северна Македонија е подготвена за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу Република Грција и Република Северна Македонија, како што е предвидено со Договорот од Преспа.

Ова, меѓу другото, се вели во соопштението од владината прес служба после денешната прва официјална средба што премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис ја одржаа во Њујорк.

„На средбата премиерот Заев истакна дека Владата на Република Северна Македонија е максимално фокусирана на конструктивен пристап во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во интерес на граѓаните на двете земји“, се вели во соопштението од Владата.

Како што се истакнува во извештајот од владината прес-служба, грчкиот премиер дал поддршка за отворање на пристапните преговори со ЕУ, но и било потенцирано дека „доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива за Северна Македонија“.

Македонската делегација во чиј состав се и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска присуствуваше на првата сесија од 47. Генерално собрание на Обединетите нации. Вечерва се очекува премиерот да присуствува на прием што по повод отворањето на Генералното собрание во Њујорк го организира претседателот на САД, Доналд Трамп.

Инаку како што пишува весникот Катимерини, на својата прва средба во Њујорк со премиерот на Северна Македонија,  Киријакос Мицотакис рекол дека не би го потпишал договорот од Преспа ако тој би бил на власт во 2018 година, кога договорот беше потпишан.