Хелсиншки комитет: Условите во затворите се под сите стандарди

0
139

Со 950 денари месечно по затвореник, без соодветен образовен систем и со еден доктор на располагање. Ова се условите за живот на затворениците, што со години се непроменети, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тие во својот извештај за условите во казнено-поправните установи во земјава нотираат дека освен новите одделенија, што се изградени според стандардите, во старите сè уште се живее меѓу ѕидови со мувла и влага.

“Годинава, споредено со лани, буџетот во затворот во Скопје е намален за 60%. Од тие причини семејствата на затворениците се принудени барем 2-3 пати неделно да ги снабдуваат со храна. Тие храната ја чуваат во своите келии. Тоа, исто така, влијае на хигиената, на појавата на инсекти, без оглед колку пати да се врши дезинсекција и дератизација, состојбата е непроменета”, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права.

Хелсиншки алармира дека институциите мора да ги исполнуваат своите обврски и да им ги обезбедат основните права на луѓето кои отслужуваат казна затвор.

“Предлагаме без одлагање и покоординирано преземање на законските обврски од Министерството за здравство за обезбедување на соодветна здравствена нега на лицата во затворите. Сè уште нема никаков систем на образование во казнено поправните домови. Ова е особено важно за малолетничките затвори”, вели Сибел Амет, правна советничка во Хелсиншки комитет за човекови права.

Во рамки на проектот “Живот зад решетки”, поддржан од Амбасадата на САД во земјава, претставници на Хелсиншкиот комитет ги посетувале затворите во периодот од февруари до септември годинава. Биле во сите затвори во земјава, освен битолскиот бидејќи се реконструира.