Акција за садење на дрвја во Гостивар – се приклучија училиштата, општината…

Во Гостивар од вчера започна колективна акција за засадување на дрвја, организирана на граѓанска иницијатива. Во активноста се приклучија учениците и наставниците, кои ги раззеленуваа училишните дворови, додека локалната самоуправа создаде улица на липите со засадување на садници од овој вид на дрво, долж ул. „Браќа Ѓиноски“.

Целта на акцијата е да се зголеми свеста кај граѓаните, да делуваат на полето на екологијата и да придонесат за почиста животна околина, намалување на загадувањето и ефектите од климатските промени.

„Многу сме среќни што во акцијата се вклучија училиштата, а еве денес и општината донираше 12 липи. Ме радува што на овој начин придонесуваме и се спротивставуваме на бетонот, бидејќи насекаде го има, и ова може да послужи како поттик да се преземат слични активности и по другите тротоари“, изјави Валентина Штерјоска, координатор на акцијата во Гостивар.

Советничката во Советот на Општина Гостивар, Њомза Шаќири, ја поздрави акцијата и рече дека локалната самоуправа секогаш ги поддржува граѓанските еколошки активности.

„Не само тоа, туку општината и самата редовно спроведува акции за зголемување на зелените површини. Моментално дека се гради нов парк во Балиндол и има еколошки активности во Равен. Претходно акции се реализираа во Вруток, Лакавица, Форино, Чајле итн. Како биолог, сакам да кажам дека садењето на дрвја е многу важно, затоа што дрвото е прочитувач на воздухот, ги усмерува ветровите, има улога во циклусот на водата во природата и многу други бенефиции за човекот“, рече Шаќири.

Акцијата за садење на дрвја на гостиварскот подрачје, ќе продолжи и во наредните денови, а се одвива под мотото „Засади дрво-не биди трупец“.