Двете најголеми партии на терен – ќе има ли нови избори во март или април

0
118

Oпозициската ВМРО-ДПМНЕ, под слоганот „Обнова на Македонија“, го собира незадоволството на граѓаните од политиките на власта.

„Ни престои тешка и пеколна битка за да го убедиме секој еден човек дека тоа што го зборува СДСМ и Зоран Заев – дека сите биле исти, не е точно“,

рече на трибината во Ресен викендов, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
СДСМ, пак, бара од граѓаните да не ги забораваат постигнувањата на актуелната влада.

„Денеска Северна Македонија е извесна 30-та земја членка на НАТО. Ги имаме сите причини конечно да добиеме одлука за почеток на преговорите со ЕУ“,

говореше на трибината во Штип, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Паралелното излегување на терен на двете најголеми партии логично ја наметна дилемата – дали сведочиме на кампања пред кампања за парламентарни избори? И дали е можно тие да се случат веќе на пролет?

Ресен е уште една станица на карванот на ВМРО-ДПМНЕ во серијата средби под мотото „Обнова на Македонија“. Зборно место беше плоштадот „Цар Самоил“. На два штанда младите од партијата ги пречекуваа граѓаните кои имаа можност писмено да ги соопштат проблемите што ги мачат.

„Проблемот кај нас во Јанковец е водата, не доаѓаат ни поправка да ни направат од „Пролетер“, исто и јаболкото не е платено.“

„Преспа се соочува одамна со пласманот на јаболкото, консумното јаболко, индустриското јаболко паѓа“.

„Најповеќе Ресен и Преспа ги тишти проблемите за јаболкото. Луѓето се млади, има ангажирани за јаболката кои сакаат да останат тука и да работат, а не можат да добијат пари“, се дел од проблемите на кои посочија граѓаните.

Во ваква атмосфера надополнета со македонска инструментална музика во центарот на Ресен пристигна и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Речиси половина од својот говор тој го посвети на економијата, но и на потребата за „враќање на македонизмот“, за потоа да побара поддршка од сите етнички заедници.

„Албанската, турската, ромската, бошњачката, српската, влашката, сите останати. Ова е наша заедничка држава и треба сите заеднички да си ја сакаме. Вие сте наши соседи, пријатели, браќа, сестри. Подржете го ВМРО-ДПМНЕ и поддржете ги сите оние коишто нудат развој, родољубие, базирано на вистински основи“,

– говореше Мицкоски пред ресенчани.
Осврнувајќи се на грешките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото, Мицкоски побара прошка од граѓаните, а ја критикуваше и актуелната власт. Го прашавме – дали „Обнова за Македонија“ е кампања пред кампања за избори?

– Јас сум свесен дека сте навикнати на кампањски средби со граѓаните, но ние се трудиме како народна партија да бидеме целото наше време заедно со граѓаните и да разговараме очи в очи и да можеме да ги слушнеме нивните проблеми и маки и се разбира тие проблеми и маки да ги преточиме во одговори и решенија во нашите политики. Дел од таквите редовни теренски активности на ВМРО ДПМНЕ се и овие кои ги опфаќа „Обновата на Македонија“, потоа ќе има некои други теренски активности итн.. Се надевам дека што поскоро ќе имаме кампања и за едни предвремени парламентарни избори каде што ќе можеме исто така да разговараме и за политките кои се резултат на сите наши теренски активности и средби со граѓаните“,вели Мицкоски во изјава за „360 степени“.
А, дали и кога би се одржале предвремени избори, Мицкоски е свесен дека нема доволно гласови во парламентот за сам да реши за тоа.

„ВМРО ДПМНЕ е подготвена да има веднаш предвремени парламентарни избори, тоа сме го повториле многу пати во минатото, но очигледно тој што вели дека блеска, практично се плаши и моли Бога да нема предвремени парламентарни избори, за да може уште некој месец да ја продолжи својата политичка кариера, да може арамилукот да потрае уште некој месец, се разбира. И тој во овој момент гледаме дека бега од избори за да не биде поразен онака како што сигурно ќе биде поразен од страна на граѓаните. Така што не само што мислам, туку како што кажав, јас сум убеден дека ВМРО ДПМНЕ ќе биде убедлив победник на предвремените парламентарни избори“, дециден е Мицкоски.
Мицкоски и од Ресен порача дека ќе ги употреби сите демократски средства за да стигне до 61 глас за самораспуштање на Собранието и што поскоро организирање избори. Во меѓувреме, ќе ја продолжи турнејата за „Обнова на Македонија“.

Ден по собирот на опозициската партија во Ресен, своја промоција имаше карванот на владејачката СДСМ под слоганот „На прав пат“. Првата од серијата трибини беше закажана во Штип, во Домот на културата „Ацо Шопов“. Како што штандовите со беџови пред влезот се празнеа, така салата се полнеше.

„Ние одиме по вистинскиот, по правиот пат, бидејќи само така може да имаме среќни деца и среќна иднина за нашата земја“, рече Заев од Штип.
Лидерот Зоран Заев, потпретседателката Мила Царовска и претседателот на Комисијата за транспорт и градоначалник на Штип, Благој Бочварски, говореа за проектите на власта – од НАТО и ЕУ, преку изградба на патишта, субвенции за земјоделците, повисоки плати и пензии. Од присутните добија пофалби, но и критики.

„При последното усогласување, пензионерите од Штип го дочекаа со разочарување, зошто очекуваа дека тоа ветување, оној даден збор од премиер ќе се примени“,праша пензионер од публиката.
„Тргнавте со надворешна политика, стигнавте далеку, ама застанете. Обратете се на корупцијата, прво во здравството, второ во судството“, беше пораката од еден штипјанец.
„Оваа борба која сега се води ја има единствената цел да испрати порака до секој дека не се исплатува да влезе во корупција. Секој ќе биде фатен. Секој ќе одговара“,му одговори Заев.
Од СДСМ велат дека ваквите настани не се „загревање“ за скорешни избори туку дека трибините им ги должат на граѓаните заради доближување на придобивките од владеењето.

„Сериозните и крупните одлуки секако влијаат на рејтинзите на политичките партии, кога носевме одредени одлуки имавме раст и до 9 проценти водство пред ВМРО ДПМНЕ, кога носевме тешки одлуки знаеше тој рејтинг и да падне. И тој ќе варира. Нормално е граѓаните согласно своите очекувања, буквално да очекуваат како ќе не вкрстат, како ќе не мерат, дали ќе не носат во опозиција, дали ќе не подджат уште еднаш на власт. Тоа е работа на граѓаните. Ние со нашите одлуки што ги донесовме како Влада, рековме дека прв приоритет е иднината на државата и секако граѓаните. Среќен сум што водиме на анкетите и даваат поддршка после сите овие крупни прашања кои ги имаме. Кога и да се случат изборите, јас знам дека оваа политичка гарнитура ќе добие уште 4 години шанса“,вели Заев во изјава за „360 степени“.Заев засега не испраќа сигнали дека би можел да прифати избори на пролет, како што бара опозицијата.

„Опозицијата ако ги каже аргументите и тие аргументи држат, ние сме секогаш подготвени за избори. Нашите аргументи се сосема спротивни, бидејќи државата после заокружувањето на овој меѓународен план на интеграциските процеси, треба да го искористи не секој месец, секоја недела. Секој ден буквално за да се преточат придобивките кон граѓаните, граѓаните да ги почувствуваат тие придобивки. Затоа рековме – редовни избори после толку години, дајте еден цел мандат нека тера оваа наша држава, за да може граѓаните да ги видат придобивките на целиот мандат. Заборавија луѓето што значи една гарнитура да добие поддршка и да истера цел мандат и после да излезе, барајќи повторно поддршка или да биде променета преку одлука на граѓаните. Но, знаете дека бараат предвремени избори и последниот пат рековме добро, декември е зима 2020-та, можеме да одиме крајот на октомври“,смета лидерот на социјалдемократите.
Универзитетскиот професор по политички науки, Ненад Марковиќ, смета дека активностите на терен на двете партии се предизвикани од неизвесноста кога ќе се одржат следните избори – на пролет или за една година отсега. Во анализата на потезите што ги влечат власта и опозицијата во овој период, Марковиќ позитивно гледа на ангажирањето на 16 стратешки советници од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ја поздравувам оваа иницјатива на ВМРО ДПМНЕ да ангажираат нова свежа крв, условно кажано, искусни видни интелектуалци, кои повеќето од тие луѓе лично ги познавам, кои се доста и умерени, кои ќе ја модерираат да речам таа радикална политичка енергија со која кокетира стално ВМРО ДПМНЕ што никогаш не ми се допаѓало, а од друга страна мислам дека треба уште од неколку лица да се ослобиди за да го ослободи баластот и привидот дека они се под контрола на Груевски и далечнска врска со Будимпешта. Во таа смисла они имаат уште малку да го заокружат тој процес и релативно со чист образ да излезат на избори,смета Марковиќ.
СДСМ, пак, според Марковиќ, е пред предизвикот да ја санира штетата од случајот во кој е вмешана Катица Јанева.

– Штетата која Јанева ја направи на СДСМ, иако не мислам дека треба да има директна врска меѓу двата субјекта е непоправлива. Не знам каков ќе биде исходот мора да почитуваме пресумција на невисност, но факт е дека таа штета е нанесена и дека контрола на штета во такви ситуации можете да вршите во многу ограничена мерка. Шансата на СДСМ е сепак во тоа да добиеме датум за ЕУ за да имаат навистина чист образ за да кажат дека понудиле две крупни, завршиле два крупни процеса што да не се лажеме не е мал политички капитал кога ќе излезете на избори. Кога некој 30 години не знаел како да отвори преговори со ЕУ и да влезе во НАТО, а некој друг успеал, тоа не е ни малку да речам лоша карта ако излезете на избори,вели професорот.
Токму очекувањето дека и датумот за преговори со ЕУ и членството во НАТО ќе се случат во следните месеци, како и претпоставката дека власта со тоа би ќарила одредена поддршка кај гласачите, го тераат Марковиќ да ја држи отворена опцијата за избори веќе во март или април. 19 април се смета за последен можен термин за брзи избори, бидејќи на 23 април ќе започнат Рамазанските пости, па во 30-те дена што следуваат кампања не е можна.