Дескоска: Нема поместување на позициите за законот за јавно обвинителство

0
54

Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека има неформални консултации меѓу работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, но се уште нема официјална средба за надминување на разликите.

Дескоска потврди дека нема поместување на позициите и дека се уште постои недоразбирање со опозицијата за тоа што било разговарано за јавното обвинителството за организиран криминал и корупција на лидерската средба меѓи Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

– За носење на законот потребни се 80 гласа, кои ги нема Владата во овој момент. Компромис кој ќе значи газење на стандардите и европски принципи и компромис за носење полош закон од постојниот не е нешто што ќе биде добро прифатено од Европската унија, рече Дескоска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод стапување во сила на Законот за бесплатна правна помош.

Премиерот Заев пред неколку дена во Њујорк изјави дека очекува власта и опозицијата да ги усогласат своите ставови и да го усвојат законот за јавно обвинителство пред средбата на Европскиот совет, и оти е подготвен за нова средба со Мицкоски за да се затвори ова прашање.