Државниот завод за статистика ќе ги тужи Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за клевета

0
89

„Во врска со изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференцијата одржана на 25.10.2019 година, дека Државниот завод за статистика фабрикува извештаи по нарачка на Владата, директорот на Државниот завод за статистика изјавува дека во целост ги отфрла и демантира изјавите и шпекулациите на Мицкоски како неточни и лажни.

Државниот завод за статистика е професионална и независна институција, чија што работа е под постојан мониторинг и евалуација на Евростат, додека пак економските и монетарните статистики истовремено се и под мониторинг на ММФ. Поради изнесените клевети, Државниот завод за статистика ќе поднесе тужба за клевета до Мицкоски и до ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти Државниот завод за статистика.

Во однос на Пописот на население, домаќинства и станови, Заводот информира дека, согласно воспоставената меѓународна пракса и искуство, пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно.

„Во таа насока, Државниот завод за статистика ќе даде предлог до Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за попис на население, домаќинства и станови, периодот на спроведување на Пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот за Попис на население, домаќинства и станови да биде донесен пред формирање на техничката Влада“, се додава во соопштението.

Во него се додава дека Државниот завод за статистика е подготвен за разгледување на можностите за усогласување на сите отворени забелешки поврзани со Пописот со сите релевантни чинители во државава.

Мицкоски на прес-конференцијата изјави дека има индиции дека Државниот завод за статистика фабрикува, пушта во јавност нерелевантни податоци и најави дека овој случај кога ќе дојдат на власт ќе го истражат до крај.

„Имаме дојави од поранешни вработени во Заводот дека оваа институција дава неточни информации и ова е сериозен срам за државата. Се работи за класична измама која детално ќе ја истражиме. Ги предупредуваме и вработените во Заводот да не наседнуваат на притисоците што им се вршат за да не бидат учесници во кривично дело“, рече тогаш Мицкоски.