Заев: Греењето, јавниот превоз и индустриските објекти трите главни извори на загадувањето

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, одговара на пратенички прашања на седницата во Парламентот.

Во однос на мерките што се преземаат за справување со загадувањето, премиерот Заев посочи на активности на дневна основа, како и на мерките што се преземаат на среден и на долг рок, од коишто се очекуваат конкретни ефекти.

Тој укажа дека проблемот со загадувањето е присутен со години и децении во нашата држава, но дека е сега видлив поради поставените мерните уреди, што е добро бидејќи главната свест за ова прашање расте, а сите граѓани, најмногу институциите може да реагираат ефективно.

Премиерот Заев објасни што презема Владата во делот на гасификацијата, којашто значи употреба на природен гас, а со тоа и значително помало загадување.

„Жалам што ова прашање се отвори во последните година две како потребни интензивни мерки за негово решавање.

Минатата Влада можеше да инвестира стотици и стотици милиони евра токму во овој проект кој е еден од приоритетите на оваа Влада. Како опозиција тогаш укажувавме цело време колку е важна навременоста на гасификацијата, поради економската и енергетската вредност, но пред и над сѐ поради еколошката вредност што природниот гас ја носи.

За жал, не беше направено ништо.

Гасификацијата денес се реализира, на 80 проценти од завршувањето на годината, со повеќе од 83 проценти во реализацијата на предвидените планови. Се работат двата главни коридора, коридорот Неготинo – Кавадарци и Прилеп – Битола и другиот, покрај Скопје, Tетово – Гостивар. Се извршуваат постапките за експропријација на Гостивар – Кичево.

Сите општини добија налог, замолница, да ги работат главните проекти, така и градот Скопје за гасификацијата. Од поголемите градови, повеќе од 50 проценти веќе имаат изработено главни проекти, очекуваме да завршат општините од Градот Скопје, дел имаат завршено, Чаир, на пример, со конечна цел да се отвори дебата на готова проектна документација, кој е моделот што ќе се спроведе во Скопје и во другите градови.

Гасифицирани градови, коишто имаат пуштено цевка во државата се Струмица и Куманово“ рече премиерот Заев.

Тој соопшти дека методите за гасификација се: сопствени пари од буџетите на општините, тие да се задолжат како општини, државата да земе кредит да им помогне, или по пат на концесии и јавни партнерства, како и за интерес од повеќе светски компании коишто работат во оваа област.

„Очекувам дека 2020 година ќе почне изградба на секундарни и терцијарни гасоводни системи, барем во поголемите 10-тина градови во државата, согласно одлуките на општините, како надлежни за нив“, рече премиерот Заев.

За Скопје, премиерот Заев посочи дека градоначалникот веќе има набавено електрични автобуси и превозни средства за јавниот превоз.

„Не застануваме тука. Владата има намера да ги заврши своите работни состаноци со Градот Скопје и да влезе во проект којшто ќе го овозможи електричниот трамвај во Скопје, со проектирана вредност некаде околу 100 милиони евра. Сакаме како држава да влеземе во таков проект и заради јавниот превоз, да биде еколошки и економски за граѓаните и заради тоа што претставува конкретна мерка којашто ќе даде и тоа како голем придонес во севкупните напори на државата против загадувањето.

Намерата на Владата е да повлече кредитна линија во 2020-та година, а постапката да ја почне уште сега, за да се заврши целата тендерска постапка во зимскиот период, за да може градот Скопје да влезе во имплементација и реализација на електричен трамвај на гуми“, најави премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев соопшти дека загадувањето доаѓа од три главни извори: греењето, јавниот превоз и индустриските објекти, и дека се работи на сите три полиња. Тој рече дека МЗ има определено буџетски средства за системите за греење во многу болници, меѓу кои и болницата во Чаир, дека се работи за промена на целиот систем на котли и на греење, а дека ваква одлука од Владата има и за болницата во Куманово, за Затвор Скопје и за студентските домови.

„Имаме конкретни 15 милиони евра предвидени јавни државни пари за борба против загадениот воздух. Покрај редовната програма, секое министерство има определено и алоцирано средства, најмногу во Министерството за екологија, 618 милиони денари, или 10 милиони евра за инверторите. Постапката почнува во неколку општини, во Град Скопје, во Битола, Тетово, во Кичево, а согласно одлука на Влада се проширува и во Куманово и во други општини понатаму.

Целта е во партнерство со граѓаните да ги разубедиме, во лоцирани зони, каде да се заменат системите на фосилни горива, дрва, нафта мазут, со инвертори или клима уреди, во вкупна вредност од 1.000 евра, земајќи предвид дека има клима уреди по 270-280 евра“, рече премиерот Заев.

Тој дополни дека инвестициите се насочени и кон обновливите извори на енергија: фотоволтаици и ветерници, за коишто дел од дозволите се издадени, а дел од системите се градат.

Премиерот Заев соопшти и за ефективните мерки што стартуваат, за справување со загадувањето.

„Вчера, на консултативна седница на Владата, по иницијатива на министерот за екологија оформивме дополнително тимови да делуваме каде што можеме директно. МВР, сите инспекторати под контрола на Кабинетот на премиерот, на дневна основа ќе се вклучат за дополнително да придонесат во затворање на проблематиката: огнови на јавни места, палења шуми, дополнителни палења што предизвикуваат загадување. Седум советници од мојот Кабинет од вчера попладне работат на координација на сите инспекторати во државата, да се на терен заедно со МВР, што заменик претседателот на Владата го координира, министерот Оливер Спасовски заедно со инспекторатите , да делуваме каде што може да делуваме“ сооопшти премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, на седницата за пратенички прашања ги повика сите граѓани и институции да дадат придонес во справувањето со загадувањето.