Заев: Срамно е што две и пол години нема државен ревизор

0
45

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дека веќе две и пол години во земјава нема државен ревизор, рече дека за тоа е одговорен претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски.

– Две и пол години имаме трпение за претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски. Тоа е право на Парламентот согласно Законот. Тие бираат директор на Државен завод за ревизија. Две и пол години да биде заглавено нешто на Комисијата за избори и именувања која ја води Илија Димовски не е фер и не е коректно, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на кампањата „Снајди се со стручно“ во СГГУ „Здравко Цветковски“.

Според него, тоа не е патриотизам, и е катастрофално ако мислат дека на тој начин што добиле распределба претседател на Комисија, да ги загрозуваат институциите.

– Денес кулминацијата веќе е дојдена. Не само што нема директор на Државниот завод за ревизија, туку му заврши мандатот и на заменикот кој ја извршуваше функцијата. Кај мене стигна дописот од вработените. Таа е институцијата што не контролира сите нас јавните институции, и навистина е срамота, оцени Заев.

Апелираше до Парламентот што поскоро да именуваат државен ревизор и да носат, а не да одбиваат одлуки.

– Ние можеме да бидеме различни политички колку сакаме, но да и служиме на државата е минимум обврска на сите нас. Имаме законски обврски да носиме одлуки. Апелирам да се изберат шефовите на тие институции каде што се заглавени во Комисијата за избори и именувања. Една од тие институции се и Програмскиот совет на МРТВ, понатаму АВМУ, па следува избор на членови на Судскиот совет и може да го блокираат Судскиот совет, а зборуваме за правна држава, подвлече Заев.