Изработен идејниот проект за реконструкција на комплексот Соколана во Куманово

0
61

Проектот опфаќа три фази, во првата планирано е партерно уредување и озеленување кое треба да се спроведе во оваа и во наредната година. Втората фаза вклучува изработка на проект за санација на објектот што треба да се спроведе наредната година. Санацијата и реконструкцијата на објектот ќе треба да се изврши во третата фаза во 2021 година.

Партерно решение подразбира реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени, за ракомет, мал фудбал, фиксни трибини од 568 места, терен за кошарка со дополнителни четири коша за уличен баскет, за одбојка, службен паркинг со шест места, паркинг за посетители со 29 места, проширување на пристапната улица на 5,5 метри, комплетно осветлување на терените и објектот. Главниот објект ќе го задржи обликот и автентичната аритектура, по која е препознатлив.

-Отворени сме за сите добронамерни сугестии од ваша страна, а особено ќе го цениме мислењето на стручната фела, со цел месецов, да дојдеме до конечното најсоодветно решение, повика кумановскиот градоначалник.

Спортскиот комплекс Соколана неодамна беше вратен под владение на општина Куманово, од страна на Агенцијата за стопанисување со спортски објекти, откако во минатата декада беше дадена под концесија на приватни концесионери.

Спортскиот комплекс Соколана е култно место за кумановци од почетокот на дваесетиот век, препознатливо не само по одржување на спортските настани, туку и за забавниот живот на кумановци. Изградбата на Соколана почнала со поставување камен -темелник на 28 јуни 1923, а изградбата со повремени прекини, завршила до 1930 година. Најголемиот дел од средствата биле собрани од доброволните прилози на населението и од кумановската еснафска јавност.