Касами: Ги поканувам сите партии, интелектуалци, дијаспората во коалиција која еднаш засекогаш ќе ја однесе ДУИ во опозиција

Лидерот на БЕСА, Билал Касами, во интервју за „360 Степени“ го коментираше повикот од Зијадин Села за заеднички изборен настап на Алијанса на Албанците, Алтернатива и БЕСА.

Тој најпрво кажа дека е рано за предизборни коалиции и дека Движењето Беса допрва ќе гради официјален партиски став, но подоцна ја отвори можноста, најпрво за коалиција само со Алијанса за Албанците.

„Движењето Беса беше за принципиелна соработка, постојат неколку можности и принципи според кои може да се направи една меѓупартиска соработка пред изборите. Цениме и сме убедени дека како две опозициски партии (Беса, Алијанса за Албанците н.з.) и од претходните изборни циклуси, ќе излеземе победници на овие избори и им даваме можност на опозиционите гласачи за чиста опозициона коалиција, градејќи вистинска опозициона платформа, да донесеме промена кај Албанците и сите граѓани“,рече Касами.
На забелешката дека Алтернатива не е вклучена во понудата, Касами упати јавен повик за коалиција.

„Ако продолжиме да праќаме покани за коалиции пред изборите по емисии, тогаш дозволете ми и јас да ја искористам приликата од вашата телевизија да апелирам за проширување на играта, да ги поканам сите опозициони и владејачки партии, освен ДУИ, да направиме албанска платформа за да се донесе промена кај Албанците, како што дојде кај македонскиот дел во 2016 година. ДПА, Алијанса, Алтернатива, НДП, Унитети, сите интелектуалци, целата дијаспора и активистите на дијаспората, целиот опозиционен спектар за да ја направиме оваа промена и на Албанците од Македонија да им понудиме опција која ДУИ еднаш засекогаш ќе ја однесе во опозиција и кај Албанците ќе донесе промена каде достоинствено ќе бидат претставени во државните институции“,рече Касами.
Касами вели дека не му е лут на Села за начинот на којшто ја упати поканата.

„Никако. Ние во политиката не сме поради политички инаети. Да држев политички инает, би се однесувал во ист стил и како што не беше прифатено во таа широка соработка на албанскиот политички спектар да не бидат одредени политички партии, и јас имам исто толку причини за да не биде некој од политичките партии кои тој ги покани да бидеме заедно. Јас не сум противник, во духот на тоа што го бараат Албанците, да се соединиме сите за да ја донесеме промената и кај Албанците во Македонија“,рече Касами.
Одговарајќи на прашање за тоа дали Алтернатива за него е прифатлив коалициски партнер, Касами рече дека никогаш не рекол дека Алтернатива или некоја друга партија е прифатлива или неприфатлива, повторувајќи дека Беса е за принципиелна соработка во опозициска платформа.