Колку долго властите знаеле за бриселската идеја за економска зона за Западен Балкан

Знаеле ли нашите политичари за Бриселскиот план – Западен Балкан да се смести во посебна економска зона која ќе има пристап до европскиот пазар, но нема да има полноправно членство, се додека секоја земја поединечно не ги исполни реформите.

Македонските власти, но и опозициските партии, се изјаснија, не скаат алтернатива за членство во ЕУ.

Но, според медиумите, таков проект веќе се подготвува во Брисел и се разгледува меѓу одредени аналитичари и тинк-тенкови во бриселските кругови.

Целта е да се создаде еден економски регион од земјите од Западен Балкан, а би се нарекол Европска економска зона.

Идејата била шесте држави на Западен Балкан – да имаат пристап до единствениот пазар на ЕУ, како Норвешка и Исланд.

Со ова, на државите би им се понудиле финансиска помош, посебни аранжмани за пристап на европските пазари и други погодности, во замена за повлекување од полноправното членство.

За земјите што побрзо би ги спроведувале реформите, би биле одобрувани повеќе грантови и инвестиции, како еден вид награда за реформските процеси.

Тоа, еден вид специјално партнерство на унијата со овие земји, не би значело дека земјите нема да влезат во ЕУ, но тоа ќе се случи кога секоја земја ќе биде подготвена.

Критериумите за тоа попрецизно би биле дефинирани на Самитот што ќе се одржи во мај идната година.

Од кога датира оваа идеја, која може да се смета и како „нешто помеѓу“ полноправно членство и затворање на европските врати, нема информации. Она што се знае, е дека, барем според официјалните изјави, таа не е прифатлива за овдешните власти.

Властите во земјава велат децидно „не“ за сите вакви предлози. Вчера по тоа прашање прилично јасно се огласија и премиерот Зоран Заев, и претседателот Стево Пендаровски.

Да не се прифаќаат алтернативи се согласија и сите први луѓе на партиите во земјава, на неодамнешната лидерска средба кај претседателот Пендаровски.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера рече дека отсекогаш цел на таа партија бил членство во Европската унија, а сега сите сме тажни поради неуспехот на земјава.