Не се добри шансите за постигнување согласност на Самитот на ЕУ за давање датум за почеток на преговори со Северна Македонија. Ова е оценката на германската канцеларка Меркел во владината изјава дадена денеска во Бундестагот пред да отпатува во Брисел.
Таа рече дека се изградени мостови кон ЕУ-партнерите, кои се уште имаат задршки кон почетокот на пристапни преговори и инсистираат на поголема транспарентност на процесот на проширување.
Ние се залагаме за преговори, и покрај транспарентниот и подобар процес кој се бара, но верувам дека Албанија и Северна Македонија се вредни да имаат европска перспектива. Ќе ја поставиме оваа дебата во Европскиот совет, ќе ги уверуваме и оние кои не се уверени, но морам да кажам дека шансите за постигнување согласност не се добри, рече Ангела Меркел, канцелар на Германија.
Меркел на вчерашната средба во Тулуз со Макрон се соочи со неговата непоколебливост. Тој остана глув на повиците – ЕУ да ја награди Северна Македонија заради Преспанскиот договор. „Позицијата на Франција предизвика револт кај некои членки на ЕУ“, „Париз е осамен во Брисел“, пишуваат француските медиуми.
Остра реакција кон Франција искажа и известувачот на Европскиот парламент за Косово, Тања Фајон. „Голем срам е“, напиша таа на Фејсбук, објавувајќи фотографија со македонскиот премеиер Заев. Го повика Емануел Макрон да се разбуди, а ЕУ да покаже политичка зрелост и одговорност.
Во истовреме премиерите на државите членки на Вишеградската група- Полска, Словачка, Унгарија и Чешка му пишаа на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, да иницира дебата за Северна Македонија и Албанија за време на Самитот на ЕУ, потенцирајќи ги сериозни и трајни последици врз стабилноста и безбедноста на Унијата