Министерот Димитров и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во судир за причините за недобивање датум

Во тензична атмосфера, исполнета со меѓусебни напади и обвинувања кои на момент преминуваа на лична основа, помина седницата на комисијата за надворешна политика каде единствена точка на дневен ред беше отчетот на шефот на дипломатијата Никола Димитров за евроинтегративните процеси на земјава.

Во долгиот, 1,5 часовен говор пред комисијата, Димитров даде екстензивен историјат  за надворешната политика на земјава од осамостојувањето до денес и кажа дека членството на земјава во ЕУ е посебен случај, а многу работи се промениле од кандидатскиот статус на Македонија пред 15 години. Порача дека треба да се затворат сите дополнителни прашања како законот со јавното обвинителство и додаде дека се обиделе да вметнат клаузули во законот во Преспанскиот договор кои ќе важат со отворањето на секое поглавје за членство во ЕУ. Тоа пак наиде на жестоки реакции од пратеникот Илија Димовски, кој кажа дека целта на Преспанскиот договор не е остварена, а земјава не е поблиску до членство во ЕУ.