Мицкоски: Македонизмот назад во Македонија, наместо севернизицијата и антиквизацијата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамки на кампањата „Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“, денеска ги посети жителите на населба Драчево во Општина Кисела Вода.

Како што рече тој, пред неговата партија е голем предизвик бидејќи ќе треба државата да ја креваат од пепел и нагласи дека тоа го прават во соработка со граѓаните кои ширум земјава досега пријавиле над 15.000 проблеми со кои секојдневно се соочуваат, а кои ќе бидат опфатени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во својот говор во Драчево, Мицкоски пред жителите посочи дека успех во Македонија ќе има само преку политики кои би го спречиле иселувањето на граѓаните и позитивни мерки во сите аспекти од општественото живеење.

„Ќе успееме кога на студентите ќе им овозможиме подобро и поквалитетно образование. Кога ќе ги реновираме студентските домови, кога нашите универзитети ќе ги видиме меѓу најмалку илјада универзитети кои што се рангирани на Шангајската листа. Кога ќе ги видиме нашите матуранти како се натпреваруваат да освојат повеќе поени за да бидат стипендисти дали на државата, дали на некоја новоотворена фабрика. Кога ќе ги видиме нашите апсолвенти како сакаат понатаму да го продолжат нивното образование на постдипломски студии. Кога ќе ги видиме магистрите како сакаат да го продолжат нивното понатамошно образование на докторски студии. Тогаш ќе речеме дека сме успеале и навистина овие разговори за обнова на Македонија довеле до резултат“, посочи лидерот на опозициската партија.

Во продолжение, тој се задржа и на неговите видувања за просечната плата и мерките во земјоделството.

„Можеме да кажеме дека сме успеале кога нема ветуваме дека ќе направиме во нашиот мандат 500 евра просек плата за вработените, а ќе оствариме да биде многу повеќе над 500. Кога земјоделието ќе го направиме достоинствена професија, а не денеска вака клекнато, понижено и омаловажено како што е, па уште да му праќате на земјоделецот наоружани полицајци да го малтретираат и да не му дозволуваат слободно да се движи“, истакна Мицкоски.

Потоа во својот говор тој се осврна на тоа дека зачувување на македонизмот, може да има само со враќање на правната држава.

„Нема да одиме во крајноста на антиквизацијата, но истовремено нема да одиме во крајноста и на севернизацијата, туку ќе одиме право во срце и ќе го промовираме македонизмот, македонизмот кој што ќе биде основна алка која што ќе ги обединува сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка припадност. Како ќе успееме со македонизмот, ќе успееме така што ќе ја вратиме правната држава, држава во која што ќе владее правото, каде што ќе нема привилегирана каста на луѓе и политичари, каде што секој оној кој што се огрешил пред законите и се осрамотил пред граѓаните ќе одговара без политичка интервенција. Тоа е првиот чекор за да успее македонизмот, тоа е срцето на Македонија, сето останато е политичка алатка и лага“, нагласи Мицкоски и порача – „Македонизмот назад во Македонија, наместо севернизицијата и антиквизацијата“.

Мицкоски пред жителите на Драчево ја сподели и визијата на опозициската коалиција за тоа што значи успешна држава.

„Македонија економски тигар на Балканот, технолошки гигант и џин на Балканот, Македонија со реформирано образование, Македонија со реформирано и силно здравство со мотивирани доктори и медицински персонал, Македонија каде што правосудството ќе обвинува и ќе суди по закон каде што ќе бидат ослободени од политички стеги и притисоци. Македонија каде што луѓето ќе се чувствуваат како Македонци без да се срамат да кажат дека се Македонци и гордо со крената глава достоинствено ќе се исправат и ќе кажат, да ние сме Македонци од Македонија кои говорат македонски јазик“, образложи тој додавајќи дека сите оние кои сметаат дека ова е невозможно се жртви на лошата и погрешна пропаганда на Зоран Заев и СДСМ.

„Јас стојам пред вас и ви велам и ви ветувам, заедно за неколку месеци од сега од овој ден, народот и најголемата коалиција која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе го порази Зоран Заев и СДСМ и ќе го прати во политичка пензија“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.