Промовирана студија за нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ – младите

Коалиција Маргини денеска одржа конференција со наслов „Нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ младите во Северна Македонија“, каде беа претставени публикуваните резултати на последната HBSCM студија –„Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст во С. Македонија (11,13 и 15 год.)“, 2018, која вообичаено се спроведува на секои четири години, во 48 земји од Европа, Северна Америка, Канада и Русија, меѓу кои и во Северна Македонија.

За ставот на родовите норми и права, односно за тоа дека девојчињата би требало повеќе да се насочат да бидат добри мајки и сопруги, отколку да тераат кариера, во македонските паралелки 25% од момчињата  и 10% од девојчињата се согласуваат. Во албанските паралелки, 55% од момчињата и 48% од девојчињата се согласуваат со ставот дека девојчињата треба пред се да бидат добри мајки и сопруги.

Лина Ќостарова Унковска, клинички психолог, која е главен истражувач на студијата изјави дека колку е една заедница потрадиционална, толку повеќе има влијание врз развојот на децата.

Од младите испитаници, 97,5% од момчињата и 1,5% од девојчињата одговориле дека се вљубени во девојчиња. 1,5% од момчињата и 96% од девојчињата одговориле дека се вљубени во момчиња, додека пак 1% од момчињата и 2,5% од девојчињата одговориле дека се вљубени и во момчиња и девојчиња.

Говорници на панел дискусијата беа: проф. Николина Кениг од Институтот за Психологија при УКИМ, Ана Попризова, претседателка на Активот на психолози и педагози, Радмила Живановиќ – Психотерапевт и претставник на Комората на психолози на РСМ, Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција МАРГИНИ, Славчо Димитров, Коалиција МАРГИНИ, и Елена Грозданова, Државна советничка, Министерството за труд и социјална политика.

 

Студијата (HBSCM) од 2018 година, со учество на учениците од 13 и 15 години, во најширок опсег досега, се занимава и со прашањата на сексуалноста и родовото самоопределување, истовремено истражувајќи ги нееднаквостите во здравјето и правата на ЛГБТ-младите, како и на хетеросексуалните млади, што овозможува и натамошно следење на состојбите. Истражувачкиот тим на студијата HBSC од Северна Македонија, примени поинакви, еднакво релевантни пристапи и методи на идентификување на ЛГБТ децата и младите, кои досега останувале скриени и недостапни за научно-истражувачката постапка. Новите можности се содржеа и во поврзување на прашањата за сексуалното здравје и однесувања, како и за родовите прашања, со добросостојбата и правата на децата и младите, воопшто.