УНИВЕРЗИТЕТИ: Ќе нема професори, мали плати, малку асистенти

За една деценија ќе нема кој да ги замени редовните професори на државните универзитети кои ќе се пензионираат, покажува истражувањето на Независниот академски синдикат, НАКС. Алармантна е и состојбата со асистентите, само 20 отсто од професорите на УКИМ и 11 проценти на битолскиот универзитет, УКЛО, имаат асистенти. Состојбата не е подобра ниту на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.

– На УКИМ, осум единици од универзитетот од вкупно 26, нема ниту еден вработен асистент. Во иднина оваа бројка невозможно е да замени 66 професори што ќе заминат во пензија. Од друга страна, има една диспропорција – на единици со помал број редовни професори има поголем број асистенти отколку на оние единици кај кои бројот на редовните професори е многу голем. Состојбата со подмладокот на УКЛО (Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола) е уште полоша. Кај новоформираните универзитети состојбата е значително подобра од онаа на најстарите, како УКИМ и УКЛО. Бројот на асистенти на младите универзитети го надминува бројот на редовните професори – рече претседателката на НАКС, Маја Стевановиќ.

Академскиот синдикат бара итно вработување на 300 луѓе на универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и уште 100 на преостанатите Универзитети. Алармираат дека ниските плати не ги мотивираат студентите да бидат ангажирани на матичните факултети. Според податоците на НАКС, наставниот кадар на државните Универзитети зема најниски плати во регионот.

– Кога зборуваме за плати мислиме на платите на подмладокот. Тие плати апсолутно не се атрактивни. На оние факултети чии студенти пазарот ги бара младите луѓе едноставно, не најдобрите, туку генерално сите не помислуваат да останат на факултет – вели Стевановиќ.

Професорката Мимоза Ристова рече дека платите во Македонија за универзитетските професори се најмалки за разлика од соседството.

– На универзитетите во Косово платите на професорите се 1.400 евра, а просечната плата таму е 350 евра. Платите на професорите во виското образование во Македонија се малку повисоки од просечната плата. Во овие бројки заостануваме и зад Албанија и зад Црна Гора – рече Ристова.

На вчерашната средба со министерот за образование Арбен Адеми, им било ветено колективиен договор во дејноста, кој треба набрзо да го достават во МОН.

Од Министерот Адеми побарале да се отвори и прашањето за подготовка на Законот за научно истражувачка дејност и формирање на Агенција за научно истражувачка дејност, а фондот да биде ист како оној на Фондот за иновации и технолошки развој.