“Учете албански, албанскиот е јазик на иднината“

Албанскиот е јазик на иднината, порача пратеникот Артан Груби на седницата на собраниската Комисија за евроинтеграции на која се дискутираше за евроинтегративните процеси во Република Македонија по Самитот на Европскиот совет овој месец, на кој Македонија не доби датум за преговори.

Оваа забелешка на Груби следуваше откако пратениците од опозицијата реагираа дека немаат слушалки за превод, кои се неопходни, бидејќи комисијата се води на албански јазик согласно собранискиот Деловник.

Груби побара од собраниските служби да обезбедат слушалки за сите пратеници.

Инаку денеска се одржа жестока дебата проследена со чести уфрлувања во говорите се одвиваше денеска во собраниската Комисија за надворешни работи, на која се расправаше за извештајот на шефот на дипломатијата Никола Димитров за спроведување на надворешната политика и евроинтегративните процеси.

Димитров прво даде кусо потсетување за досегашниот евроинтеграциски процес на земјава, потсетувајќи дека 14 години сме земја кандидат за членство со десет препораки за почеток на преговори, нарекувајќи ја нашата кандидатура за членство посебен случај.

Треба да изнајдеме начини надворешната политика да не се доведе до ниво на внатрепартиски препукувања. Изгубивме генерации околу ЕУ и НАТО, па затоа во Договорот од Преспа се обидовме да вметнеме механизми врзани со нашето членство во НАТО и со отворање на пристапниот процес. Тоа значи дека промената на документите за внатрешна употреба директно ќе зависи од отворањето на поглавјата, рече Димитров.

Димитров потсети дека во 2001 година, кога го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, бевме во група со Хрватска и оти најдобри шанси земјава да отвори преговори биле во 2012, кога група земји притискале за тоа прашање.

Тој оцени дека ЕУ од тогаш нема иста волја за проширување, бидејќи беше зафатена од многу работи како што е мигрантската криза, Брегзит и кризата во владеењето на правото во некои земји членки, што според него, го менува и нашиот контекст.

– Сега сме со Албанија која стана кандидат за членство во 2014 година и со две препораки. Ние сме со десет препораки. Тоа создава дополнителен предизвик. Самиот Макрон, покрај укажувањата дека прво треба да ја средат својата куќа, укажа и на тоа дека нивната проценка е оти ќе биде грешка ако одделно ги третираат македонската и албанската кандидатура.

Јас и вчера укажав дека иако имаме интерес сите наши соседи да одат напред, тоа е неконзистентно со фокусот на унапредување на методологијата на пристапниот процес, бидејќи тој вели дека секоја земја треба да се цени според сопствените заслуги. Ако една земја ја условите за нешто што е надвор од нејзина моќ и влијание, тогаш логиката на процесот на пристапување веќе не постои и тоа значи политизација на еден процес што треба да биде базиран на мерит, оцени Димитров.