Уште три земји останаа за Протоколот за НАТО, Франција ќе го заврши најдоцна на почетокот на декември

0
192

Уште три ратификации ја делат Северна Македонија од полноправно членство во НАТО. Дваесет и шест земји, меѓу кои и САД, дадоа зелено светло земјава да се приклучи во Алијансата.

Останува тоа наскоро да го сторат уште Франција, Холандија, и Шпанија. Вчера попладне Парламентот на Исланд го ратификуваше Протоколот за нашето членство во НАТО, што е 26-та ратификација.

Францускиот Сенат минатата недела го усвои во прво читање предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Останува документот да биде ратификуван и од Националното собрание при второто читање.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вчера на прес-конференцијата што ја свика за да одговори на прашања на новинарите по француското „не“ за одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија на Самитот на ЕУ, рече дека ратификација е во тек и процедурата треба да биде завршена до крајот на ноември или на почетокот на декември.

– Процесот на ратификација го следи својот тек, нема никаков проблем во однос на тоа затоа што двата дома на Парламентот се брзи, но последната етапа треба да се случи на 21 ноември. Финалниот инструмент за ратификација, односно конечниот завршок на процесот се случува во Вашингтон, во согласност со Вашингтонскиот договор, во текот на јануари. Тоа значи дека нашите процедури ќе бидат завршени до крајот на ноември или на почетокот на декември, рече амбасадорот Тимоние, прашан дали е можен уште еден шок од Франција и во однос на НАТО и евентуално непотпишување на протоколот за прием во Алијансата отфрлајќи секаква можност за тоа.

Американскиот Сенат во вторникот со 91 глас „за“ и два против ја усвои Резолуцијата за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.

Државниот секретар Мајк Помпео порача дека усвојувањето на Протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО во Сенатот ја истакнува американската заложба кон трансатлантската безбедност и претставува важен чекор напред во напредокот на земјата кон членство во Алијансата.
– Силно ја поддржуваме определбата на Северна Македонија кон поблиска интеграција со трансатлантската заедница. Гласањето ја реафирмира постојаната определба на Северна Македонија кон демократските принципи и владеењето на правото и нејзиниот придонес кон мирот и безбедноста во регионот. Ја очекуваме наскоро Македонија како 30-та членка на НАТО, се вели во изјавата на Помпео.
Очекувањата беа дека Протоколот наскоро ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки и со тоа приемот на земјава ќе може да се официјализира пред Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон.

Засега е неизвесно дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку сè помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.

Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.

По завршувањето на ратификацијата во сите земји членки, Протоколот треба да биде ратификуван и во Собранието на Северна Македонија, со што земјата станува 30-та членка на НАТО.