Хуманитарното друштво на Боки под истрага

0

Во исчекување на обвинение за случајот „Рекет“ обвинителката Вилма Русковска отвори нова истрага во која повторно првоосомничен е притворениот Боки 13, но во која како осомничени се јавуваат и татко му Миле Јовановски, претставници на неговиот хуманитарен Меѓународен сојуз, како и Фросина Ременски, висок функционер на владејачкиот СДСМ.

Според најавите на обвинителството, се очекува да биде приведена и да ѝ биде одредена мерка притвор на Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.

Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ беше важен дел од двата големи проекти на Бојан Јовановски – Боки 13, човекот што е осомничен во скандалот „Рекет“. Таа е косопственик на 1ТВ, заедно со таткото на Боки, директор е на телевизијата и втор човек на невладината Меѓународен сојуз со која претседателствуваше Бојан Јовановски.

БИРН се обиде да ја контактира на 28 август. Ја добивме на телефон, меѓутоа таа не сакаше ниту средба, ниту, пак, да одговори на прашања што евентуално би ѝ ги испратиле на имејл.

„Ме вознемирувате“, тоа беше сѐ што искоментира таа во кусиот телефонски разговор.